Најмногу заболени биле пријавени во Скопје – 371, потоа следуваат Тетово – 131, Битола – 110, Велес – 107, а во останатите, бројот на заболени е помал или еднаков на сто
Во текот на 11. недела од 2025 година (од 10 до 16 март), во државава биле пријавени 1 370 случаи на заболени од грип и заболувања слични на грипот. Тоа претставува за 41,6 проценти помалку во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица оваа недела, споредено со 11. недела од минатата сезона е зголемен за 5,4 пати, информираат попладнево од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Најмногу заболени биле пријавени во Скопје – 371, потоа следуваат Тетово – 131, Битола – 110, Велес – 107, а во другите, бројот на заболени е помал или еднаков на сто.
Во однос на возрасната дистрибуција, 827 лица се на возраст од 15 до 64 години. Од случаите, 284 се деца на возраст од пет до 14 години. Над 65 години се 135 лица. Од заболените, 124 се деца на возраст до четири години.
„Во сезоната 2024/2025, вкупниот број на случаи на грип – заболувања слични на грип изнесува 23 661. Во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 68,3 проценти, а во однос на моделот од последните 14 сезони, се регистрира зголемување од 21,3 отсто“,
наведуваат од ИЈЗ.
Регистрирани се пет починати лица, од Скопје – тројца и по еден од Свети Николе и Радовиш. Четири случаи припаѓаат на возрасната група над 65 години, еден во групата од 15 до 64 години. Сите случаи биле починати во болнички услови, со коморбидитети, невакцинирани против грип.
Заклучно со 11. недела, во државава биле вакцинирани вкупно 72 294 лица со бесплатна или комерцијална вакцина против грип.
Во текот на сезоната 2024-2025 се регистрирани девет смртни случи, две лица од возрасната група од 30 до 64 години и седум лица од возрасната група над 65 години. Кај сите починати се регистрирани коморбидитети.