Од февруари 2017 година, кога компанијата „НЈСК Холдинг“ стана првата од засега 19 лиценцирани одгледувачи на канабис за медицински цели, во С. Македонија се произведени 4.040 килограми сув цвет од растението. Ова е првата бројка за „жетвите“ на овие компании достапна за јавноста, што на барање на 360 Степени ја обезбеди министерството за здравство.
Податоците се содржани во изештајот на владината меѓуресорска Комисија, во која членуваат претставници на повеќе институции, на чело со Министерството за здравство. Телото има обврска постојано да врши контрола врз производството и прометот
Министерство за здравство
Министерството сепак не ни го даде целиот извештај, каде очекувано би требало да има и детални податоци, која од регистрираните компании, колку сув цвет од марихуана произвела.
Општ податок добивме и на прашањето за инспекциските надзори, што според закон треба да се извршуваат во неколку фази при одгледувањето на растението, од сеење до складирање.
„Направени се 23 инспекции во 10 фирми кои почнале со работа. Инспекции се направени заклучно до денес, а во зависност од тоа пред колку време една фирма почнала со одгледување на канабис, во разни фази од процесот, инспекцијата ги посетила неколку пати.“
ни одговорија од Министерството за здравство.
Минатиот месец „360 Степени“ разговараше со дел од лиценцираните производители на канабис за медицински потреби и уште тогаш ги побара бројките од министерството за здравство кои денеска ги добивме. Анализата покажа дека бербата на произведувачите засега ги полни магацините.
Причината е што на домашниот пазар има значителен број на компании кои го одгледуваат, берат и сушат растението, но само една откупува сув цвет или масло- „Реплек“. На компанијата, едноставно не и треба толку суровина за домашниот пазар, а во странство не го признаваат македонскиот сертификат за добра производствена практика. Странските купувачи бараат фирмите да имаат исполнето европски стандард за добра производствена практика.
Здружението на компаниите одгледувачи на канабис подолго време се надева на владина помош за надминување на проблемите со извозот. Во спротивно, стравуваат дека фирмите ќе згаснат.
Бавниот старт на оваа гранка, засега не кореспондира со ветувањата. Меѓу најгласните беше и премиерот Зоран Заев, кој ги повика сите што можат, да инвестираат во дејноста. Дури и блиски членови на неговото семејство влегоа во бизнисот. Очекувањата на премиерот беа – годишен прилив од извоз од 100 милиони евра во земјава.
Но, истражувањето на „360 степени“ покажа дека проценките на премиерот, засега се далеку под проектираните бројки.
Основачкиот капитал на регистрираните 20 компании изнесува 4.9 милиони евра. Тие пријавиле расходи од 3.3 милиони евра, а приходите се десетпати помали – само 333.000 евра.