Села пред средбата со Ахмети во Тетово посочи дека ќе дискутираат за политичката ситуација во земјата
Зијадин Села, претседателот на Алијанса за Албанците (АА), партија која е дел од коалицијата „Европски фронт“, денеска во Тетово е на средба со лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, пренесува ТВ Алсат.

Во изјава дадена за телевизијата, Села вели дека станува збор за тековна средба меѓу тесното раководство на АА и на ДУИ.
„Тоа е редовен состанок на Фронтот, како тесното раководство на АА и раководството на ДУИ. Ќе дискутираме за политичката ситуација во државата“,
рече Села.
На новинарско прашање дали лидерот на крилото на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, ќе стане дел од „Европскиот фронт“, посочи дека тие се отворени за секој што ја сфатил својата грешка, но и дека ќе бараат извинување од него.
„За тоа нема да се дискутира денеска. Но, ‘Европскиот фронт‘ е жив организам, отворен за сите оние што ќе побараат јавно извинување и ги разбрале грешките што ги направиле. Но, без да ги направат овие работи, тешко е да се има каква било друга опција“,
вели тој.
Пред десетина дена Села изјави дека не гледа ништо лошо во средбите што изминатиов период ги оствариле првиот интегративец Али Ахмети и Арбен Таравари, кој партиципираше во владејачката коалиција ВЛЕН како претставник на АА.
За тоа дали Таравари треба да биде дел од Фронтот, посочи дека ќе соопштат кога тоа прашање ќе биде отворено внатре во коалицијата.