Преминот ќе овозможи поврзување пред сè на граѓаните од Кумановскиот Регион со Гњиланскиот во Косово
Премиерот Оливер Спасовски денеска на отворањето на граничниот премин Белановце-Станчиќ на македонско-косовската граница изјави дека станува збор за проект што обединува и проект што дополнително ја продлабочува соработката меѓу двете држави.

„Република Северна Македонија и Косово имаат одлични односи. Проектите како овој денес само ја продлабочуваат оваа соработка. Ја подобруваме инфраструктурата меѓу нашите две држави, како што е автопатот Скопје-Блаце. Имаме одлични односи и немаме отворени прашања“,
рече Спасовски на денешниот настан.
Заменик премиерот на Косово Енвер Хоџај оцени дека денеска се остварува еден долговечен сон на жителите од оваа област од обете страни на границата.

„Ова е посебен ден што ќе го запомнат двете држави. Отворањето на овој граничен премин е долгогодишен сон на граѓаните на обете држави. Отворањето на оваа граница е уште едно поголемо приближување помеѓу Косово и Република Северна Македонија“,
истакна Хоџај.

Граничниот премин е изграден со средства од ЕУ преку ИПА-програмата. Чини 1,2 милион евра, обезбедени од ЕУ со поддршка на државата од 10 проценти. Делницата од село Слупчане до граничниот премин Белановце од 15 километри ја финансирала државата и чини шест милиони евра.