Ова денеска го соопштија од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје во врска со кражбата на мониторот од компјутер во бугарскиот КИЦ за која првично извести МНР на Бугарија. Според ОЈО, засега единствен мотив за делото е противправно присвојување предмети
До овој момент, сите индиции и докази упатуваат на тоа дека единствен мотив за кражбата на мониторот од бугарскиот Културно-информативен центар (КИЦ) во Скопје е противправно присвојување предмети.
Ова денеска го соопштија од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје во врска со кражбата во бугарскиот КИЦ за која првично извести Министерството за надворешни работи (МНР) на Бугарија, притоа карактеризирајќи го делото како напад врз бугарската држава.
Во дописот од Обвинителството за конкретниот случај се вели дека засега непознатите сторители, со употреба на сила, освен во бугарскиот КИЦ, на сличен начин влегле во уште два угостителски објекта во непосредна близина, од каде што украле пари. Не се наведува за колкава сума на пари станува збор.
„При увидот од СВР Скопје, подигнати се траги од местото на настанот кои ќе бидат предмет на вештачење, а по наредба на јавниот обвинител се обезбедуваат и снимки од видеонадзорот. Надлежните институции постапуваат за откривање на сторителите“,
велат од ОЈО Скопје.
За кражбата во бугарскиот Културно-информативен центар во Скопје вчера првично информираа бугарските медиуми повикувајќи се на соопштение од Министерството за надворешни работи на Бугарија.
Во соопштението на бугарското МНР беше наведено дека без разлика на мотивацијата на сторителите, делото е напад врз самата бугарска држава.
Информацијата за кражбата, која се случила ноќта меѓу 15 и 16 март, подоцна ја потврдија и од македонското Министерство за внатрешни работи.