Во вчерашните протести беа полесно повредени четворица полицајци. Судирите со полицијата настанаа откако дел од демонстрантите се обидоа да стигнат до седиштето на ДУИ, а претходно фрлаа со јајца по општинската зграда
Судија на претходна постапка од Основен суд Тетово им определи мерка притвор во времетраење од осум дена на петтемина приведени кои учествуваат во протестите во Тетово, дознава „360 степени“.
Информацијата ја потврдија и од Основното јавно обвинителство Тетово и од СВР – Тетово.
Од Основното јавно обвинителство Тетово информираат дека по поднесена пријава од СВР-Тетово поведена е постапка против пет лица за кои постои основано сомнение дека за време на протестите во Тетово, одржани на 17 септември 2021 година, го сториле кривичното дело „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие од член 384 став 2 од Кривичниот законик“.
За четворица од нив постапка се води и за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедност од член 383 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик“.
„Поради потребата од непречено водење на кривичната постапка, особено поради постоење на основано сомнение дека осомничените лица ќе се кријат или дадат во бегство, како и дека постои можност да го повторат кривичното дело, тетовското обвинителство до надлежниот суд достави предлог за определување на мерката притвор. Судијата на претходна постапка при Основниот суд Тетово го прифати предлогот на обвинителството и со Решение на осомничените им е определен притвор во траење од по осум дена“,
информираат од Обвинителството.
Три лица беа приведени вчера, а други две денеска. Од СВР-Тетово информираат дека по завршување на вчерашниот протест, полициски службеници ги лишиле од слобода Б.А.(31) од с.Туин, кичевско, Н.Б.(52) од с.Мала Речица, тетовско и Џ.С.(33) од с.Вешала, тетовско, а денеска и В.А.(33) и А.Ш.(30), двајцата од Тетово.
Тие учествувале во вчерашните протести на кои се бараше одговорност за трагедијата со пожарот во модуларната ковид-болница, а дел од демонстрантите се судрија со полициските службеници.
Во вчерашните протести беа полесно повредени четворица полицајци. Судирите со полицијата настанаа откако дел од демонстрантите се обидоа да стигнат до седиштето на ДУИ, а претходно фрлаа со јајца по општинската зграда.