Веќе четири дена не е примен нов пациент со потврдена западнонилска треска на Клиниката за инфективни болести
Осум пациенти со потврдена невроинвазивна форма на западнонилска треска се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, соопшти директорот на установата, Фадил Цана.
Од нив, седум се од Скопје, а еден е од Свети Николе.

„Од осумте пациенти, двајца се со потешка клиничка слика и се наоѓаат на одделот за интензивно лекување, интибурани се и се на механичка вентилација. Сите пациенти се на возраст над 60 години. Еден од хоспитализираните е од Свети Николе, a другите се од Скопје“,
вели Цана.
Посочи дека веќе четири дена не е примен нов пациент со потврдена западнонилска треска на Клиниката за инфективни болести.
Коментирајќи го осмиот смртен случај од овој вирус, Цана рече дека станува збор за 70-годишен пациент, кој на 25 август бил примен на Клиниката во изразено тешка состојба.
Веднаш по приемот, бил сместен на одделот за интензивно лекување, при што бил интубиран и поставен на механичка вентилација.
За време на целиот десетдневен престој, директорот кажа дека пациентот се наоѓал во тешка општа состојба.
