Коментарот што предизвика лавина реакции од страна на ВМРО-ДПМНЕ, граѓанинот присутен на митингот, го кажа додека поставуваше прашање кон претседателскиот кандидат Пендаровски, како една од формите на комуникација со своите поддржувачи што тој ја практикува при настапите во рамките на неговата изборна кампања
По серијата осуди и обвинувањата во врска со коментарот што граѓанин присутен на синоќешниот митинг на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски во Куманово ги упати кон неговата противкандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, утрово со коментар на социјалните мрежи се огласи и сопругата на актуелниот претседател и кандидат за втор мандат на функцијата, Елизабета Ѓоргиевска.

Претходно наводите на лицето присутно на митингот, за кои од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека е активист на СДСМ, партијата која застана зад кандидатурата на Пендаровски, го осудија повеќемина актуелни и кандидати за идниот состав на парламентот на ВМРО-ДПМНЕ оценувајќи ги како сексистички навреди упатени кон Силјановска-Давкова.
Осуда за ваквиот наратив стигна и од тимот за комуникации од изборниот штаб на Пендаровски, од каде што велат дека коментарот на присутниот на нивниот митинг во Куманово бил недоличен и навредлив.
Сопругата на Пендаровски во кратката објава на социјалните мрежи исто така вели дека осудува секаков вид говор на омраза.
„Осудувам секаков вид говор на омраза, навреди и клевети“,
напиша Ѓоргиевска на нејзините профили на Фејсбук и „Икс“.
Осудувам секаков вид на говор на омраза, навреди и клевети.
— EGjorgievska (@BetiGj) April 15, 2024
Инаку, коментарот кој предизвика лавина реакции од страна на ВМРО-ДПМНЕ, граѓанинот присутен на митингот, го кажа додека поставуваше прашање кон претседателскиот кандидат Пендаровски, како една од формите на комуникација со своите поддржувачи што тој ја практикува при настапите во рамките на неговата изборна кампања.
Покрај поединечните реакции на носителите на кандидатските листи и други претставници на ВМРО-ДПМНЕ, партијата на случајот се осврна е преку посебно соопштение, во кое го обвинија противкандидатот на Силјановска-Давкова дека е извор на говор на омраза. Од партијата го обвинија Пендаровски дека се смеел и аплаудирал додека „активист на СДС ја навредуваше Силјановска-Давкова со сексистички коментари.
„Пендаровски наместо да го земе микрофонот и да го укори неговиот поддржувач и да се извини и на присутните и на гледачите, тој ги слушаше навредите кон Силјановска. Ваквиот сексистички и мизогин однос на активистите на Пендаровски и СДС кон Силјановска е директно поттикнат од Пендаровски, кој со својот примитивен балкански мачоизам веќе две недели ја навредува Силјановска. Говорот на омраза и навредите кои ги почна Пендаровски сега го следат и неговите поддржувачи“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Поради ваквиот однос, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, Пендаровски ќе остане само поранешен претседател.

Инаку, по завршување на синоќешниот митинг во Куманово, кој го водеше Богданка Кузеска од тимот за комуникации на Стево Пендаровски, таа со реакција на коментарот на граѓанинот се огласи на својот фејсбук-профил.
Според Кузеска, коментарот е недоличен, навредлив и таа го осудува. Додава оти ниту таа ниту претседателот Пендаровски не го поддржуваат.
„По повод коментарот на еден од присутните на митингот на кандидатите на претседател во Куманово, сакам да бидам транспарентна и искрена кон целата јавност. Пред сѐ, поради масовноста на митингот за жал не успеав целосно да го слушнам коментарот на еден од учесниците и да го спречам. Тие кои ме познаваат и како поддржувачи на партијата на којашто сум гласноговорник, но и од сите други политички партии, знаат дека остро ги осудувам коментарите кои се навредливи за жена и знаат дека сум гласна во борбата против говор на омраза кон жените. Така е и во овој случај“,
напиша Кузеска на Фејсбук.