За „Монструм“ се водеше судска постапка по вторпат откако во 2017 година Врховниот суд го врати случајот на почеток со што предметот го презеде Специјалното јавно обвинителство (СЈО)
Осудените во случајот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковското Езеро од 12 април 2012 година денеска беа спроведени во Врховниот суд каде што беше закажана јавна седница во врска со пресудата од пониските судови.
Меѓутоа, седницата се одложи бидејќи одбраната бараше изземање на двајца судии од советот во Врховен од причина што тие одлучувале за предметот во првиот судски процес.
По барањето, од Врховен, објаснувајќи дека во моментов немаат увид во претходниот предмет, решија да ја одложат седницата за 14 јуни со цел да се изврши увид и да се донесе решение.
Во случајот „Монструм“ на доживотен затвор осудени се Алил Демири и браќата Агим и Африм Исмаиловиќ. На 15 години затвор, пак, осуден е Фејзи Азири, а Хаки Азири доби девет години. Еден од петтемина обвинети, Сами Љута, пак, беше ослободен од обвинение.
Ваквата пресуда е правосилна, во повторено судење беше донесена од страна Основниот кривичен суд Скопје, а потоа беше потврдена и од Апелација.
Повторениот судски процес „Монструм“ следуваше откако во 2017 година Врховниот суд го врати случајот на почеток, со што предметот го презеде Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
Двајца од осудените на доживотен затвор, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, се во бегство во Косово, а властите во Приштина со години одбиваат да ги екстрадираат.
Во петкратното убиство на Велики четврток во 2012 година беа убиени рибарот Борче Стевковски и четворица матуранти: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски, Кире Трпковски.