Би истакнал дека Финска, која е долгогодишен учесник во оваа контакт група, е тука денес како нов сојузник на НАТО. Очекувам наскоро Шведска да биде следната, вели американскиот секретар за одбрана Лојд Остин

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин на денешниот состанок на западните сојузници во Германија повтори дека очекува Шведска наскоро да се приклучи на НАТО.
„Би истакнал дека Финска, која е долгогодишен учесник во оваа контакт група, е тука денес како нов сојузник на НАТО. Очекувам наскоро Шведска да биде следната“,
рече Остин говорејќи на состанокот во американската база во Рамштајн, Германија.
САД, и покрај некои препреки околу членството на Шведска во Алијансата, продолжуваат да претпоставуваат дека скандинавската земја ќе биде примена во одбранбениот сојуз пред самитот на НАТО во литванскиот главен град Вилнус ова лето. Остин тоа јасно го кажа во своите забелешки во средата во шведската поморска база Муско.
Тој му кажа на својот шведски колега Пал Јонсон дека Финска неодамна е примена како 31-ва членка на НАТО, додавајќи дека се надева оти Шведска наскоро ќе стане 32-та.
„Мислам дека тоа е многу, многу важно. Вие сте одлични партнери. Со нетрпение очекуваме да можеме многу брзо да ве наречеме сојузници“,
рече Остин.
Шведска аплицираше за членство во НАТО минатиот мај заедно со Финска по руската инвазија на Украина.
Финска официјално стана членка на алијансата на 4 април, откако сите земји членки се согласија, но Шведска се уште чека на ратификација на Турција и Унгарија.
Германскиот канцелар Олаф Шолц, исто така, неодамна изјави дека неговата влада сè уште останува на ставот дека Шведска ќе се приклучи на алијансата до самитот во Литванија.