Оставката од морални причини на Антони Пешев во 1994 година и понатаму е „најсвежата“ светла референца при секоја дебата за политичка одговорноста кај највисоките претставници на власта. Наместо да се создава култура на оставки како морален чин, во земјава се воспоставува систем на понудени оставки за кои главен арбитер е актуелниот премиер
Форумот за разумни политики организираше дебата со учесници од разни профили чија цел е да ја афирмира вредноста на оставката како чин на политичка одговорност и како златен стандард во секоја либерална демократија
Криците на оние што изгореа и оние што во пеколот во тетовската модуларна болница ги изгубија најблиските, се уште се свеж спомен во домашната колективна меморија. Горчината од трагедијата и понатаму ja нема толку неопходната капка вкус – правда. А таа, во ваквите случаи, може да дојде само преку одговорност.
Но, и одговорноста не е збор со едно значење. Во трагедии како тетовската, прво се очекуваше т.н. политичка одговорност – личен, морален, човечки чин, кој треба да отвори простор еден настан непристрасно да се расчисти, но и да ја увери јавноста дека ниту еден фотелја не е поважна од невините жртви, независно кој згрешил.

„Последната трагедија во Тетово многу ме погоди, многу жалам за загинатите, сочувствувам со нивните семејства. Нема зборови што тоа може да го опишат ниту пак начин да се надомести загубата. Почитувани, како лекар и министер имам интегритет, затоа денеска од морални причини понудив пишана оставка до премиерот Зоран Заев“,
изјави Венко Филипче на 10 септември 2021 година.
Освен министерот, оставка понуди и неговиот заменик. Веднаш следуваше доказ за непознавање на терминот „морален чин“ во речникот на домашниот политички естаблишмент. Премиерот одлучи да размислува за моралниот чин на своите подредени, се додека нема индиции за друг тип на одговорност – кривична.
По речиси месец дена им ги одби оставките.

„Со стручните наоди на вештачењето е утврдено дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска во приклучен кабел. Врз основа на овие и претходно добиените информации сакам да ја известам јавноста – нема причини да се лоцира политичка или менаџерска одговорност кај министерот, д-р Венко Филипче, и заменик-министерот за здравство, д-р Илир Хасани“,
изјави премиерот Зоран Заев на 5 октомври 2021 година.
Овој случај е само најнов во серијата слични низ историјата на младата македонска демократија. На сличен начин, на пример, Никола Груевски ја одби оставката на министерот Миле Јанакиески, кога потона бродот Илинден во Охридското езеро.

„Кога ги анализиравме работите си викам, проклетство, па ние го споменуваме Антони Пешев од 1992 како главен пример за политички одговорен политичар и потоа имаме пустина од, да речеме, немање на чувство за одговорност“,
изјави Гордан Георгиев, од Форумот за разумни политики.
Токму на темата политичка одговорност, односно оставката како еден нејзин чин, во Скопје дебатираше панел од универзитетски професори, претставници на невладиниот сектор, во присуство на вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска.
Прв на удар беше „моделот“ кој како да се одомаќинил кај нас.



„Тоа е т.н. модел на миропомазание каде што ти ја враќаш оставката кај премиерот па он сега ако… ако тебе лидерот на партијата те миропомаза дека ти си уште христијанин, тоа го кажувам сега во наводници, дека уште си политички подобен, тогаш оставката твоја не важи што е многу лошо затоа што пак ја зајакнува таа султанска позиција на лидерите во партиите, пак лидерот на партијата е тој што треба да одлучи дали оставката е коректна или не и не оди по никаков автоматизам. Односно имате еден многу глуп механизам на давање оставка кои во принцип ве влечат надоле со рејтингот после. Тоа луѓето не го перципираат и не го препознаваат како коректно“,
кажа универзитетскиот професор Ненад Марковиќ.
„Овој аспект на миропомазание по мене е многу важен затоа што, што се случува? Всушност се нарушува легитимитетот. Вие преку некаков клиентелистички однос или супер министер е, одличен директор е, сега за ова ли ќе оди курбан? Да, за тоа ќе оди курбан. Бидејќи тоа е суштината на политичката одговорност“,
репцлицираше Гордан Георгиев од Форумот за разумни политики.
„Политичката одговорност е брза, неопходна, таа веднаш треба да стапи пред јавноста односно политичарот веднаш да ја поднесе одговорноста кога системот крахирал некаде. А кривично-правната е долгорочна постапка која што ќе покаже дали тој имал или немал кривично-правна одговорност пак во крахирањето на системот“,
изјави Данче Даниловска од Фондацијата Отворено општество Македонија.
Изразувајќи лично мислење на директно прашање до неа и вицепремиерката Грковска се согласи дека неприфаќањето на понудена оставка може само да наштети.

„Ако имате ситуација кога нема да ја прифатите одговорноста, на министер, на некој на раководна позиција, како во овие два примера, тогаш мислам дека неговиот кредибилитет како функционер да бара понатака одговорност од сите што се подредени под него е прилично многу нарушена“,
изјави Славица Грковска, вицепремиерка за политики за добро владеење
Целта на дебатата беше да се понудат и одговори – зошто во земјава тешко се поднесуваат и прифаќаат оставките. Дамир Незири од Фондацијата за демократија на Вестминстер ги лоцираше причините и кај изборниот систем.

„Нашиот изборен систем, во моментов, продуцира одговорност на политичарите кон лидерот. Политичарите не доаѓаат на власт затоа што народот ги гласал. Народот не гласа за политичарите. Народот гласа за партија, т.е. гласа за листа креирана од партија, приоретизирана од централниот одбор или од претседателот на партијата“,
изјави Дамир Незири.
Како причина за неодговорност беа споменати и политичката волја, инфлацијата од барање оставки за се и сешто, но и демократската возраст на општеството. Новинарот Борис Георгиевски, кој живее во Германија, како конкретен пример ја посочи еволуцијата на оставки во таа земја кога се во прашање плагијати на докторски дисертации.

„Мислам дека беше 2010 или 2011 година, првпат се откри таков плагијат кај тогашниот министер за одбрана… И првите неколку месеци тој одбиваше да даде оставка. Тој мислеше дека малку ќе ја смири јавноста со тоа што ќе се откаже од докторатот и по тоа не се смири. На крај, после неколку месеци и после голема брука и скандал во јавноста и големи дебати и на голема штета на рејтингот на партијата негова секако, ја поднесе оставката. Зошто е тој пример битен? Затоа што во последниве две години уште три такви случаи имавме на министерки во германската влада коишто неколку дена од откривањето дека во докторските дисертации дел од тезите им биле плагијат, не цели, си поднесоа веднаш оставки“,
изјави Борис Георгиевски, новинар во редакцијата на Дојче Веле.
„Ако е за лажирање на докторати, јас мислам дека половина УКИМ ќе треба да го избркаш, па потоа веројатно да преминеме на политичарите“,
се надоврза универзитетскиот професор Ненад Марковиќ.
Како тогаш институтот политичка одговорност да стане „златен стандард“ и на домашната политичка сцена? Присутните понудија повеќе различни идеи. Дебатата не беше цел сама за себе туку заклучоците од неа да допрат до политичарите.
Тоа е само дел од задачата на организаторот на настанот – Форумот за разумни политики.

„Се обидуваме да отвориме теми кои се навидум апстрактни. Навидум неприемливи за пошироката јавност, но со многу конкретни политички, правни, секакви импликации во секојдневниот живот… Давањето оставка овозможува или би требало да овозможи воспоставување на стандарди во иднина. Поднесувам оставка и оттогаш натаму истата влада во која што јас сум поднесол оставка ќе се обиде да воспостави стандардните да не се случуваат такви работи во иднина“,
изјави Гордан Георгиев.
Еден од начините на кој пораките ќе допрат до јавноста е овој, преку медиумите. Но, ќе следуваат и документи и конкретни препораки до власта и политичките партии воопшто.
„Да ја сензибилизира јавноста. Да ја подигне свеста за одреден проблем кој ни се појавува, во случајот политичката одговорност и којшто не се решава. Да се обидеме да создадеме преседани коишто подоцна ќе станат стандард во едно општество“,
вели Георгиев.