„Како претседател на Собранието се трудам да бидам еднаков за сите пратеници и пратенички групи бидејќи тоа ми го наметнува уставната одговорност и функцијата што ја извршувам“, кажа тој
Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска преку објава на својот фејсбук-профил ги демантираше информациите објавени во некои од медиумите дека излегува од коалицијата ВЛЕН.
Посочи дека останува лојален на гласачите што го избрале за пратеник на последните парламентарни избори.

„Како пратеник во Собранието останувам лојален на гласачите што ме избраа на изборите на 8 мај 2024 година. Значи, Африм Гаши е пратеник на Алтернатива во коалицијата ВЛЕН. Како претседател на Собранието се трудам да бидам еднаков за сите пратеници и пратенички групи бидејќи тоа ми го наметнува уставната одговорност и функцијата што ја извршувам“,
напиша Гаши.
Првиот вицепремиер и лидер на Демократско движење, Изет Меџити најави дека од коалицијата „Вреди“ ќе произлезе нов политички субјект, а дека наредната недела почнуваат процедурите за тоа.
Меџити посочи дека новата партија ќе има заеднички штаб, информативен центар, заеднички кандидати, заедничка програма и листи на заеднички советници на претстојните локални избори.
Ваквата одлука на Меџити следува неколку дена по одлуката на централното претседателство на Алијансата за Албанците, предводено од Арбен Таравари, кое одлучи на претстојните локални избори да понуди сопствени листи со кандидати за советници.
Околу можно излегување од Владата, тогаш Таравари рече дека не планираат такво нешто, бидејќи, како што кажа, во Владата има повеќе партии и една од нив е Алијанса за Албанците.
Дека има несогласувања во ВЛЕН, Таравари откри во интервју за „360 степени“ емитувано на 31 март. Во него тој говореше и упати критики за начинот на кој ВЛЕН функционира во Владата, оценувајќи го за „тромо“ и со „многу недостатоци”. Изнесе детали за тоа што било разговарано во коалицијата околу настапот на претстојните локални избори и за неговиот став околу ова прашање.