Според официјални лица, 39-годишниот милијардер бил уапсен по налог за сторени прекршоци поврзани со популарната апликација за пораки
Основачот и главен извршен директор на популарната апликација за пораки Телеграм, Павел Дуров, е уапсен од француската полиција на аеродром северно од Париз, јавува Би-би-си.
Повикувајќи се на француските медиуми, британскиот национален сервис пишува дека Дуров бил приведен откако неговиот приватен авион слетал на аеродромот „Бурже“.
Според официјални лица, 39-годишниот милијардер бил уапсен по налог за сторени прекршоци поврзани со популарната апликација за пораки.
Истрагата против Дуров наводно се однесува тоа што тој како извршен директор не презел чекори да го спречи користењето на Телеграм за криминални цели.
Според неофицијални информации, наводно станува збор за прекршоци поврзани со измама, трговија со дрога, кибермалтретирање, организиран криминал и пропагирање тероризам, пишува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ)
Инаку, Дуров е роден во Русија и живее во Дубаи. Милијардерот поседува двојно државјанство – на Обединетите Арапски Емирати и на Франција.
Апликацијата Телеграм е особено популарна во Русија, Украина и во други земји од поранешниот Советски Сојуз.
Таа беше забранета во Русија во 2018 година откако Дуров одби да ги предаде на властите податоците на корисниците, но по три години, односно во 2021 година, забраната беше повлечена.
Телеграма е рангирана како една од главните платформи за социјални медиуми по Фејсбук, Јутјуб, Ватсап, Инстаграм, ТикТок и Вичет.
Дуров ја основа платформата во 2013 година, а една година подоцна ја напушти Русија откако одби да одговори на барањата на властите во Москва да ги исклучи опозициските групи од неговата социјална платформа Виконтакте, што претходно ја основа и во меѓувреме ја продаде.
По неговото апсење денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова на Телеграм прашува дали западните невладини организации за човекови права ќе молчат за апсењето Дуров откако претходно остро ја критикуваа одлуката на Русија да „создаде пречки“ за работата на Телеграм во 2018 година.
Уште неколку руски официјални лица го осудија апсењето на бизнисменот, пишува Би-би-си.
Критики за апсењето на Дуров упати и сопственикот на Икс, Илон Маск, кој во објава на неговата платформа стави хаштаг #freepavel (слобода за Павел), а во друга напиша:
„Во Европа е 2030 година и те погубуваат затоа што лајкуваш меме“.
POV: It’s 2030 in Europe and you’re being executed for liking a meme https://t.co/OkZ6YS3u2P
— Elon Musk (@elonmusk) August 24, 2024
Инаку, како што наведува РСЕ, руската инвазија на Украина, која започна во февруари 2022 година, помогна за порастот на популарноста на апликацијата во Украина.
Во првото големо интервју по седум години, кое на 17 април го даде на американскиот водител Такер Карлсон, Дуров уверуваше дека целта на Телеграм е да биде „неутрална платформа“, а не „играч во геополитиката“.
Сепак, критичарите во Украина се загрижени дека апликацијата шири дезинформации и ги олеснува нелегалните активности. Некои го обвинуваат Телеграм за врски со руската држава и дека придонесува во нејзините воени напори, а украинскиот парламент поднесе нацрт-закон со цел да се регулира работењето на платформата.