„Не исклучуваме никаква можност, истрагата е динамична, имаме голем број проверки, има големо количество материјал и се проверува и најмалата индикација дека може да се поврзе лице… Елиминацијата (на осомничените) ќе продолжи кога ќе добиеме несомнен факт дека некој не може да се поврзе со исчезнувањето“, вели за РТС мајорот во српското МВР, Бојана Отовиќ-Пјановиќ
Потрагата по двегодишната Данка Илиќ, која пред точно една недела исчезна во Бањско Поле во близина на Бор, влегува во осмиот ден. Од српската полиција велат дека истрагата за случајот се одвива во повеќе правци и дека се проверуваат сите лица што може да се поврзат со исчезнувањето на девојчето.

Во истрагата за нејзиното исчезнување се вклучи и виенската полиција, откако се појави видеоснимка со девојче кое наликува на описот на Данка во придружба на две жени од Романија снимено во главниот град на Австрија, Виена. Вчера и Министерството за внатрешни работи на Црна Гора ги повика граѓаните на земјата доколку имаат некакви информации за исчезнатото девојче да ги споделат со надлежните органи.
Бојана Отовиќ-Пјановиќ, мајор во српската полиција, за РТС изјави дека не може да говори за конкретни податоци од истрагата ниту за осомничените, но посочува дека потрагата по Данка е во тек и оти се проверуваат сите факти кои можат да се доведат во врска со исчезнувањето на девојчето.
„Не исклучуваме никаква можност, истрагата е динамична, имаме голем број проверки, има големо количество материјал и се проверува и најмалата индикација дека може да се поврзе лице… Елиминацијата (на осомничените) ќе продолжи кога ќе добиеме несомнен факт дека некој не може да се поврзе со исчезнувањето“,
вели полицискиот мајор.
Говорејќи за можноста од полиграфско испитување на мајката на девојчето, таа наведува дека законот не дозволува бремена жена да биде подложена на ваков вид испитување. Во овој контекст, таа исто така забележува дека таквото тестирање не може да се користи како доказ.
„Тоа тестирање не се користи како доказ, само може да ја насочи истрагата кон одредени околности во одреден момент, за да знаеме што друго би можеле да направиме“,
вели Отовиќ-Пјановиќ за РТС.

Во меѓувреме во Бањско Поље кај Бор, каде што исчезна двегодишната Данка Илиќ, полицијата сè уште го пребарува теренот. Според српскиот национален сервис, полициски патроли сè уште се пред куќата каде исчезна девојчето.
Претходните седум дена специјализирани екипи на Министерството за внатрешни работи на Србија ја пребаруваа околината на куќата, а беше претресена и дива депонија на стариот пат. Исто така, се претресуваат и куќите на оние лице што имаат имот, но не живеат во местото.
Во потрагата беа вклучени и хеликоптери и дронови со термални камери, а беа пребарувани тунели, подземни канали, шахти и шуми, но засега не се пронајдени траги кои би укажале дека девојчето е таму.
Мајорот на српската полицијата вели дека по анализата на сè што досега е преземено и направено во потрагата по двегодишната Данка, истрагата на територијата на Србија е проширена.
Потрагата се прошири и надвор од границите на земјата. Вчера Министерството за внатрешни работи на Црна Гора соопшти дека потрагата по исчезнатото девојче е во тек и побара од црногорските граѓани да ја известат канцеларијата на Интерпол во Подгорица доколку имаат информации за исчезнатото девојче.

Во исто време истрагата се прошири и во Австрија, а Интерпол распиша жолт аларм за Данка Илиќ откако Србин кој живее и работи во Виена на улица во австриската престолнина снимил две жени покрај кои си игра мало девојче кое личи на двегодишното девојче. Овој аларм се вклучува за исчезнати лица и претставува глобално полициско предупредување за најблиските на исчезнатото лице, за киднапирања или пак за исчезнувања од необјаснети околности.
Амбасадата на Србија во Виена апелираше до граѓаните доколку ја препознаат Данка на територијата на Австрија веднаш да ја известат српската или австриската полиција.
Девгодишната Данка Илиќ има кафена коса, кафени очи и е висока околу 85 сантиметри. Девојчето може да се препознае по обесена брадавица на левото уво и бенка со неправилна форма и малку темна боја на левата подлактица.
По исчезнувањето на девојчето, минатиот вторник во Србија по првпат е активиран и системот „Најди ме“ (Amber Alert).