Во име на партијата и коалицијата „Европски фронт“, Османи го осуди денешното заседание на Уставниот суд велејќи дека апсолутно е недозволиво Судот како највисок орган во државата да одржува седници за сензитивни теми, и тоа во моноетнички состав
Закажувањето на подготвителни седници е само продолжување на процесот на укинување на Законот за употреба на јазиците. Ова пред медиумите претпладнево го изјави потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, во врска со одлуката на Уставниот суд да одржи подготвителна седница за иницијативите поврзани со Законот за јазиците, пред да се произнесе за неговата и уставноста на дел од неговите одредби.
„Тоа го знаеме од начинот на кој Уставниот суд постапуваше по нарачката за укинување на правото на етничка идентификација, т.н. укинување на ‘балансерот’“,
рече Османи во изјава за медиумите пред Уставниот суд.
Во име на партијата и коалицијата „Европски фронт“, Османи го осуди денешното заседание на Уставниот суд велејќи дека апсолутно е недозволиво Судот како највисок орган во државата да одржува седници за сензитивни теми и тоа во моноетнички состав.
„Пораката на тројцата уставни судии од етничките заедници со нивното неприсуство беше доволен сигнал за седницата веднаш да се прекине. Секогаш ваквите моноетнички состанувања или седници биле најава на лоши периоди во мултиетнички држави“,
додаде Османи.
Потпретседателот на ДУИ порача дека тие и натаму ќе продолжат со т.н. „стража за јазикот“ и повторно ќе се соберат пред Уставниот суд на денот за кога ќе биде закажана најавената подготвителна седница.
„Ова не е само кауза за албанскиот јазик, ова е кауза за заштита на мултиетничка европска Македонија“,
рече Османи и додаде дека очекуваат поддршка од сите етнички заедници.
Османи заедно со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, коалицискиот партнер Зијадин Села и други високи партиски функционери денеска дојдоа пред Уставниот суд во пресрет на седницата за Законот за јазиците.