На маргините на форумот, предвидено е Османи да има и билатерални средби со свои колеги и други учесници
Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска и утре ќе престојува во Словенија, каде што ќе учествува на традиционалниот 17. Бледски стратешки форум насловен „Владеење на моќта или моќта на правилата“.
Годинашниот форум ќе биде посветен на дискусиите за кризата на мултилатералниот поредок, последиците од руската агресија врз Украина и одговорот на меѓународната заедница на новите предизвици, соопшти МВР.
Министерот Османи ќе има обраќање на панелот „ЕУ и Западниот Балкан: кој е подготвен“, на кој ќе учествуваат и заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, министрите за надворешни работи на Косово, Доника Гервала Шварц, на Црна Гора, Ранко Кривокапиќ и на БиХ, Бисера Турковиќ, специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Србија и Косово и други регионални прашања Мирослав Лајчак, високиот претставник за БиХ Кристијан Шмид и Зоран Нечев од Институтот за демократија Социетас цивилис – Скопје.
Предвидено е Османи на маргините на форумот да има и билатерални средби со свои колеги и други учесници.
Бледскиот стратешки форум во своето седумнаесетгодишно постоење прерасна во водечка меѓународна конференција во Централна и Југоисточна Европа, која привлекува широк спектар на учесници – државници, политичари, професори, бизнисмени, кои дебатираат за современите регионални и глобални предизвици и да бараат иновативни решенија.