На новинарско прашање дали МНР го договорило доаѓањето на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и дали за тоа има поддршка од министерката за одбрана Славјанка Петровска, имајќи предвид дека таа на вчерашната владина седница по ова прашање гласала воздржано, Османи нагласи дека со колешката се на иста линија по однос на националниот капацитет, но тука не станува збор за билатерална средба
Потврдено е дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен ќе дојде на неформалната вечера на министрите на ОБСЕ која ќе се одржи на 29 ноември (среда) во хотелот „Александар палас“ во Скопје, изјави на денешниот брифинг со новинарите министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Османи не можеше да каже дали на неформалната вечера ќе присуствуваат и рускиот и украинскиот министер бидејќи, како што нагласи, агендите на сите министри се различни и според тоа не мора да значи дека сите министри ќе бидат присутни сите три дена.
„Во кој дел од трите дена ќе биде присутен Лавров, не можам да кажам во овој момент. Сите не можат во сите три дена да останат. Дали ќе им се поклопат термините на престој, не можам да кажам. Делегациите ќе бидат сите, за министрите не знам, зависи од нивните агенди, очекувам сите да бидат тука“,
рече Османи.
На новинарско прашање дали МНР го договорило доаѓањето на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и дали за тоа има поддршка од министерката за одбрана Славјанка Петровска, имајќи предвид дека таа на вчерашната владина седница по ова прашање гласала воздржано, Османи нагласи дека со колешката се на иста линија по однос на националниот капацитет, но тука не станува збор за билатерална средба.
„Во национален капацитет, како министер за надворешни работи, би бил против, но тука Лавров не доаѓа во билатерална посета, туку доаѓа во земја домаќин на ОБСЕ. Во национален капацитет сме на иста линија со министерката Петровска, но мора да се прави разлика. На вчерашната седница, Владата ни даде овластување, на МНР да даде согласност за доаѓањето на Лавров, а Министерството за одбрана да ги даде повикувачките броеви, бидејќи МО ги дава повикувачките броеви за сите владини авиони и потоа ние како МНР даваме дозвола. Значи, за дипломатски авиони дозволите ги дава МНР врз основа на повикувачки број од МО. Затоа Влада не овласти ние да донесеме одлука. Ако ние процениме дека треба да дојде, ќе бараме од МО повикувачки број. Мора тоа побрзо да се одлучи бидејќи нема време, треба да се издаваат визи, а нашата амбасада во Москва ги прима апликациите“,
објасни Османи.
Тој посочи дека сè уште се договараат земји за прелет.
„Нема многу опции, тоа се Бугарија и Грција. Ако ние донесеме одлука, не гледам зошто тие би се противеле. Лавров беше и во Њујорк во САД во ОН, не беше во САД во билатерална посета. Тука не доаѓа во Скопје, доаѓа во ОБСЕ. Мора да ја направиме разликата“,
дециден беше министерот за надворешни работи.
На прашањето каков е ставот на Киев за доаѓањето на Лавров, шефот на македонската дипломатија посочи дека е во постојана комуникација со украинскиот колега.
„Бев во Киев, разбирам колку е осетливо прашањето и тоа повеќе ја комплицира нашата работа. Во ваква поделба, доаѓањето на еден ризикува доаѓање на друг. Нам ни е важно како ОБСЕ да биде здраво и живо после министерскиот совет“,
изјави Османи на брифингот со новинарите.
Како што веќе објавивме, владината одлука со која се дозволува прелет и слетување на руски државен воздухоплов над и во земјава за време на одржувањето на Министерскиот совет на ОБСЕ, не ја добила поддршката од сите присутни министри на вчерашната седница.
„Воздржано“ во однос на одлуката се изјаснила министерката за одбрана Славјанка Петровска.
„Да, министерката беше присутна на седницата и гласаше воздржано во врска со предлог-одлуката за дополнување на Одлуката за рестриктивни мерки. Кога ќе биде доставено официјално барање од МНР, согласно процедурите, Министерството за одбрана ќе го извести МНР соодветно, притоа имајќи ги предвид донесените политички одлуки и ставови во државата”,
одговорија од МО за „360 степени“.
Владата на вчерашната седница донесе одлука со која се врши измена и дополнување на актуелните рестриктивни мерки кон Руската Федерација кои земјава ги воведе по руската инвазија врз Украина, а согласно кои беше воведена забрана за влез на руски воздухоплови во воздушниот простор на Северна Македонија. Одлуката за ограничување на пристапот на руски авиони Владата ја донесе во февруари минатата година приклучувајќи се кон регулативата на Советот на ЕУ од заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата.
Сепак, одобренијата за прелет и слетување на рускиот воздухоплов, како што соопштија од Владата, ќе треба да ги донесат министерствата за надворешни работи и за одбрана.
„Надлежните министерства за надворешни работи и за одбрана ќе можат дополнително да одлучат за издавање одобрение за прелет и слетување на рускиот воздухоплов за време на одржувањето на триесеттиот министерски состанок на ОБСЕ во Скопје, во период од 29 ноември до 1 декември 2023 година“,
соопштија од Владата.
Владата потврди: МНР и Одбрана ќе одлучат дали ќе одобрат слетување на авионот на Лавров во Скопје
Одлуката со која се изменуваат конкретните рестрикции кон Руската Федерација, како што посочуваат од Владата, е согласно регулативата на Европската Унија и одредбите во самите рестриктивни мерки со кои за меѓународните конференции, како што е ОБСЕ, се предвидени исклучоци.
Владата ја тргна забраната за слетување на авионот на Сергеј Лавров во Скопје
Засега останува неизвесно доаѓањето на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на Министерскиот совет на ОБСЕ од 29 ноември до 1 декември во Скопје.