Шефот на дипломатијата, Бујар Османи, на Твитер ѝ изрази поддршка на неговата бугарска колешка, Екатерина Захариева, за справување со афера која ја открија властите во Бугарија, а во која уапсија лица осомничени дека шпионирале за Русија.
„Силна поддршка за суверенитетот на Бугарија, нашиот сосед и сојузник во НАТО. Република Северна Македонија ги осудува сите малигни активности на територијата на Бугарија“,
напиша Османи во објавата во која е означена и Захариева.
Strong support for sovereignty of Bulgaria, our neighbour and NATO Ally. Republic of North Macedonia condemns all malign acitivities on territory of Bulgaria. @EZaharievaMFA
— Bujar Osmani (@Bujar_O) March 20, 2021
Портпаролката на главниот обвинител, Сијка Милева, вчера на вонредниот брифинг објави дека се уапсени шест лица, меѓу кои има вработени во Министерството за одбрана, а шеф на групата бил поранешен висок функционер на Воената разузнавачка служба со кодно име „Резидент“, кој завршил воено образование во Бугарија и странство, како и разузнавачко училиште во Москва, познато како ГРУ.
Вчера реагираше и руската амбасадата во Софија наведувајќи дека ова се очигледни обиди да се вметне клин во руско-бугарскиот дијалог и да се демонизира руската страна.
Со прва реакција се јавија и САД нагласувајќи дека Стејт департментот внимателно ја следи истрагата, како и дека го поддржуваат суверенитетот на Бугарија.
