За истиот клуб, од здружението „Нов АСНОМ“, на 5 октомври реагираа дека бил оштетен натписот, иако клубот сè уште не е отворен
Откако утрово излегоа информации дека Советот на Општина Благоевград забранил да се отвори македонски културен клуб „Никола Вапрацов“, шефот на дипломатијата, Бујар Османи, рече дека не е запознаен со ситуацијата, па затоа побара прво да се информира за потоа и да реагира соодветно.
„Ќе дозволите да се информирам повеќе со тоа што имало одлука на Советот на Благоевград, па потоа да коментирам за да ги имам сите информации“,
рече денеска Османи одговарајќи на новинарски прашања.
Отворањето на клубот беше закажано за 30 октомври годинава, а информација дека Советот донел декларација да го забрани отворањето може да се пронајде од 8 октомври, објавена на порталот „агенција.бг“.
Во веста од пред десет дена се наведува дека советниците се спротивставиле на ваквиот антибугарски предлог, а советникот Кирил Илиев од ГЕРБ порачал дека со декларацијата му се порачува на македонскиот клуб дека не е добредојден во градот и оти Благоевград нема да биде центар на вакви пропагандни провокации.
Декларацијата денеска во изјава за „Слободен печат“ ја коментираше и претседателот на ОМО Илинден Пирин, велејќи дека тоа е срамота и покажува на што сè се подложени Македонците во Бугарија.
„Овие луѓе во Советот на Благоевград ако самите не се Македонци, имаат роднини и пријатели кои се. Тие знаат дека има многу Македонци во Бугарија и во Благоевград. За да излезат со таква позиција, објаснување е само дека се создава атмосферата за страв и омраза против Македонците овде“,
рече Стојков за „Слободен печат“.
За истиот клуб, од здружението „Нов АСНОМ“, кое беше дел и од движењата за бојкот на референдумот за промена на уставното име, на 5 октомври реагираа дека бил оштетен натписот, иако клубот сè уште не е отворен.
Според нивната реакција и фотографиите кои ги споделија тогаш, од насловот на клубот Македонски културен центар „Никола Вапцаров“, била извадена буквата „М“.