Одлуката се очекува денеска да биде потврдена, за која понатаму ќе разговараат министрите за надворешни работи и премиерите на одвоени самити кон крајот на овој месец
Постојаните претставниците на земјите членки на ЕУ доцна вечерта после полноќ постигнале консензус за започнување преговори со Северна Македонија со барање за одржување на првата меѓувладина конференција веднаш по одобрување на преговарачката рамка, соопшти предмалку на прес-конференција вицепремиерот Бујар Османи.
Тој рече дека одлуката е безусловна и се очекува денеска да биде потврдена, а понатаму и на 24 март на средбата на министрите за Европа и за надворешни работи на ГАК и на Самитот на премиерите кој се очекува на 26 овој месец во вид на видеоконференција.
„Информацијата ја добив од претставници на неколку земји членки кои рекоа дека е постигнат консензус и дека и земјите кои имале дилеми, дале согласност. За Албанија има некои услови за првата меѓувладина седница. Сепак одлуката треба и формално да помине на двата состаноци“, рече Османи одговарајќи на новинарско прашање дали оваа одлука е сигурна или може повторнода се очекува некоја промена.