Информацијата за одложување на посетата на шефот на македонската дипломатија дојде од Министерство за надворешни работи на БиХ
Одложена е посетата на министерот за надворешни работи Бујар Османи на Босна и Херцеговина, каде што требаше да отпатува денеска како дел од неговата турнеја на регионот, а по дводневната посета на Луксембург и Белгија.
Информацијата за одложување на посетата на шефот на македонската дипломатија дојде од Министерство за надворешни работи на БиХ. Оттаму соопштија дека посетата морало да биде одложена поради технички проблеми поврзани со пристигнувањето на македонската делегација. Нов термин за посетата, како што се посочува, ќе биде дополнително одреден.

Од македонското МНР, пак, ни изјавија: „Ако има информација за тоа, дополнително ќе известиме“.
Како што беше претходно најавено, Османи во Сараево, освен средбата со заменик-претседавачот на Советот на министри и министерка за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Бисера Турковиќ, требаше да биде примен во Претседателството на Босна и Херцеговина, на средба со членот на претседателството Шефик Џаферовиќ и со претседавачите на двата дома на парламентот.
Посебен акцент на средбите, како што беше наведено, требаше да биде ставен на процесот на интеграцијата во Европската Унија и европската перспектива на земјите од Западен Балкан, напредокот на тој план и очекувањата на двете земји во наредниот период.
Како земји што претендираат за засилување на соработката во регионот, посочија од МНР, осврт ќе биде направен и за актуелните состојби во нашето непосредно и пошироко соседство, значењето од интензивирање на регионалната соработка, како и актуелните регионални и глобални предизвици.
Оваа седмица, Османи беше во дводневна посета на Луксембург и на Белгија, каде што оствари серија средби во рамки на, како што соопштија од МНР, дипломатските активности за посета на европските главни градови, што првенствено има за цел да го презентира европското досие на Северна Македонија. Во рамки на посетата на Брисел, тој се сретна и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, токму на годишнината од ратификација на Северноатлантскиот договор во Собранието на С Македонија.