Шефот на дипломатијата смета дека може да се допрецизираат одредени работи со Бугарија, како што е на пример тоа дека со новото кратко име на државата ние немаме никакви територијални претензии кон источниот сосед
Министерот за надворешни работи Бујар Османи е оптимист дека земјава ќе почне преговори за членство во Европската Унија. Сите вклучени во овој процес, изјави тој денеска, се свесни за влогот, тежината и за последиците од неуспех на процесот.
„Одлука за почеток на преговори ЕУ има донесено во март, со консензус на 27 земји членки. Сега зборуваме за консензус за текстот во однос на преговарачката рамка за формално започнување на преговорите. Тоа што ми дава оптимизам е дека сите страни во процесот сме свесни за влогот, за тежината и за консеквенците од неуспехот на овој процес. Исто така, можам да кажам дека во овој период разговараат и работните групи и јас, но и другите колеги. Мислам дека дефиниравме простор во кој може да се најде заедничко решение“,
рече Османи.
Шефот на дипломатијата не ја коментираше изјавата на бугарскиот европратеник од редовите на владејачката ГЕРБ, Андреј Ковачев, за бришење на терминот „бугарски фашистички окупатор“ од спомен-обележјата во земјава, но се осврна на, како што рече, сензитивноста на квалификациите што се даваат за историските прашања. Тој упати охрабрување до Комисијата за историските прашања да го ублажат тонот на квалификациите во однос на историските прашања.
Тој зборуваше и за работните групи формирани во нашето и бугарското Министерство за надворешни работи, велејќи дека работат на дневна основа за да се надминат разликите и оти смета дека нашата страна нема проблем да допрецизира дека нема никакви територијални претензии кон Бугарија.
„За време на мојата посета на Софија, констатиравме дека имаме разлики во нашите очекувања во однос на тоа колку досега тој договор дал резултат во однос на прашањето за коешто беше наменет односно потпишан. И тука ги отворивме сите прашања и се договоривме да формираме работни групи, од двете министерства кои на дневна основа ќе разговараат во однос на овие разлики во очекувањата, различните интерпретации на одредени решенија, како да се олеснат одредени загрижености на едната или на другата страна. Како што е на пример новото кратко име, ако кратко име предизвикува одредена загриженост во Република Бугарија дека некој тоа може да го интерпретира како територијална претензија на историскиот регион Македонија, мислам дека ние немаме проблем да направиме дополнително објаснување до бугарската страна дека новото име е во употреба како и долгото така и краткото, меѓутоа и краткото и долгото претставуваат иста територија, а тоа е политичкиот ентитет на Република Северна Македонија“,
изјави Османи.