Министерот за надворешни работи, Бујар Османи утре ќе оди во Софија на дводневна работна посета.
Како што соопшти МНР, за време на посетата тој ќе се сретне со неговиот бугарски колега, Николај Милков, премиерот Галаб Донев, како и со лидерите на главните партии во новото Народно собрание.

Предвидено е Османи да се сретне со Бојко Борисов од ГЕРБ, Кирил Петков од Продолжуваме со промената, Мустафа Карадај од Движењето на правата и слободите, Корнелија Нинова од Бугарската социјалистичка партија, Христо Иванов од Демократска Бугарија и со Стефан Јанев од Бугарски подем.
„На средбите се очекува да бидат отворени темите за актуелностите поврзани со билатералните односи меѓу двете земји, исполнувањето на преземените обврски со Протоколот и Договорот за пријателство, актуелните геополитички предизвици и сојузништвото во НАТО, како и можностите за продлабочување на економската соработка“,
велат од МНР.
Во рамки на посетата, Османи, заедно со домаќинот Милков ќе учествуваат и на тркалезна маса што ја организира Центарот за проучување на демократијата во Софија, на тема „Промовирање на конструктивен капитал во Бугарија и Северна Македонија“.