Османи вели дека за ДУИ нема логика изборите да се одржуваат во август или во втората половина на јули затоа што луѓето нема да бидат тука за да гласаат
Неформалниот став на Комисијата за заразни болести, според вицепремиерот, е ако има избори на гласање да се оди со маски и да нема митинзи
Вицепремиерот Бујар Османи во неговото попладневно гостување на ТВ 24 рече дека на ДУИ како партија на власт ѝ одговара што поскоро да се одржат избори, но дека остануваат нивните два услови: Комисијата за заразни болести да излезе со став дека изборите нема да го загрозат здравјето на граѓаните и да има набљудувачи од ОБСЕ/ОДИХР.
Тој рече и дека бил во посета на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и оти неформалниот став на Комисијата е ако има избори да се спроведат под неколку критериуми.
„Јас го посетив ИЈЗ, имавме подолг разговори и ги прашав, сакав да бидам спремен за лидерската утре. Неформалниот став на Комисијата е дека сепак во овој период ако се одржат изборите ќе треба да се почитуваат мерките: два метра дистанца, носење маска, менување ракавици при секое гласање затоа што пенкалото не може да се смени и да нема никакви собири на луѓето. Тие работи ги спомнаа како критериуми. Сега ние како политичари треба да кажеме дали е во ред под такви услови да одржиме избори“
рече Османи во пресрет на лидерската средба утре кај претседателот Стево Пендаровски.
Тој зборуваше и за анализи кога на власта, а кога на опозицијата, генерално им одговара се одржуваат избори.
„Не само кај нас, секаде во светот избори во септември октомври им одговара на опозицијата, такви се калкулациите дека тогаш економските ефекти може да бидат поголеми, тогаш луѓето ќе имаат повеќе трошоци, па не можат да ги подмируваат тие трошоци и се понегативни кон владата. Тоа е општа логика, не само за кај нас. И дека за владата можеби опортунистички, партиски би било поповолно сега. Дури има една психолошка анализа која вели дека во летните месеци се луѓето порасположени и гласаат за владејачките партии за разлика од ладните месеци“,
рече Османи.
Конкретно за ДУИ, тој не кажа кој датум најмногу одговара, но порача дека нема логика во август да се одржат избори.
„Како ДУИ не е добро во август да се одржат. Нема логика, август луѓето одат на одмори, па и јули, втора половина на јули, е период кога не се одржуваат избори затоа што луѓето не се тука. Ако се смири состојбата за избори тоа значи дека ќе се отвораат границите и луѓето ќе одат на одмор. Никој нема да биде тука за да гласа во август. Другиот период е во ред, еве сега јуни, почеток на јули, септември, октомври … кој било период е во ред ако каже Комисијата дека може“,
рече Османи.