Од МНР не соопштуваат за што конкретно се разговарало во оваа насока и дали соговорниците ја начнале темата за продолжување на рокот за промена на личните документи со новото уставно име, кој, според Преспанскиот договор, истекува на 12 февруари 2024 година
Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи денеска во својот кабинет оствари средба со грчката амбасадорка во земјава, Софија Филипиду, информираат од Министерството за надворешни работи (МНР).
Покрај за актуелните политички состојби и за развојот на билатералните односи меѓу С Македонија и Грција, Османи и Филипиду размениле мислења и за активностите и мерките што Владата ги презема во насока на спроведување на обврските од Преспанскиот договор.
Од МНР не соопштуваат за што конкретно се разговарало во оваа насока и дали соговорниците ја начнале темата за продолжување на рокот за промена на личните документи со новото уставно име, кој, според Преспанскиот договор, истекува на 12 февруари 2024 година.
Прашањето за продолжување на рокот за издавање на новите лични документи пред неколку дена го отвори шефот на државата, Стево Пендаровски. Во интервју за ТВ Сител тој рече дека со брза интервенција на два закона – за лична карта и за патни исправи – може да се пролонгира рокот за вадење нови лични документи и наместо до февруари да биде продолжен до септември или октомври.
Премиерот Димитар Ковачевски рече дека нема ништо против таквиот предлог доколку може да се реши на меѓународно ниво и го упати Пендаровски да искомуницира со претседателката на Грција по однос на ова прашање.
На ова, Пендаровски рече дека е подготвен да разговара со својата грчка колешка, но дека размената на информации околу Договорот од Преспа треба да оди преку Министерството за надворешни работи.
Во меѓувреме, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека ќе поднесе претставка до Уставниот суд со која ќе ги оспори измените на Законот за патни исправи од 2021 година. Со претставката ќе бара да се стави времена мерка на овие законски измени, односно тие да не бидат во сила сè до следното одлучување за нивната уставност, а со тоа практично да се пролонгира рокот за издавање на пасошите со новото уставно име.