Според претседателскиот кандидат, оваа форма ќе обезбеди кредибилен процес на ветинг, кој ќе расчисти со оние кои се вмешани во корупција или се претставници на руските интереси чија цел е да се дестабилизира нашата земја, да се наруши меѓуетничката хармонија и да се запре евроинтегративниот пат на Северна Македонија
Формирање на меѓународен борд составен од претставници на Соединетите Американски Држави (САД), Европската Унија (ЕУ) и НАТО кој во координација со институциите во земјава ќе врши пресертификација на сите носители на јавни функции. Ова ќе биде еден од најважните приоритети на кандидатот на ДУИ и на коалицијата „Европски фронт“ за шеф на државата, Бујар Османи доколку ја освои довербата на претстојните претседателски избори, чиј прв круг е закажан за 24 април.

Османи за оваа идеја говореше на прес-конференцијата што денеска ја одржа пред заградата на Владата, а во рамките на неговата изборна кампања.
Процесот на пресертификацијата на носителите на јавни функции, како што рече тоj, треба да се одвива во две насоки – дали овие лица имаат некаква поврзаност со руските интереси и дали се вмешани во каква било форма на корупција.
„Идејата на овој борд е да ги искористиме инструментите кои веќе постојат, но кои работат одделно. Да ги вградиме во меѓународен борд, каде што ќе бидат дел и нашите институции, американскиот инструмент на објавување листи, потоа рестриктивните инструменти на ЕУ и процесот на сертификација на НАТО. Потсетувам дека на овој начин секој што ќе биде предложен или ќе има амбиции за која било јавна функција, прво ќе треба да го добие овој сертификат од овој меѓународен борд, од овие институции, а доколку може да ги помине филтрите што ги наметнуваат овие институции, тогаш ќе може да стане министер, ќе може да стане директор, судија или обвинител“,
рече Османи.
Според претседателскиот кандидат, оваа форма ќе обезбеди кредибилен процес на ветинг, кој ќе расчисти со оние кои се вмешани во корупција или се претставници на руските интереси чија цел е да се дестабилизира нашата земја, да се наруши меѓуетничката хармонија и да се запре евроинтегративниот пат на Северна Македонија.
Тој додаде дека овој борд ќе се бори против корупцијата, која е рак на општеството што го запира развојот, го спречува користењето на државните средства во корист на граѓаните и што е еден од факторите што го поттикнува иселувањето на луѓето во земји кадешто е етаблирано владеењето на правото.
„На овој начин ќе ја искорениме корупцијата на високо ниво и оваа ‘војна на вештерки’ што политичките партии ја наметнаа во битката за да дојдат на власт, а потоа власта ќе може да се фокусира на искоренувањето на корупцијата на сите други нивоа“,
рече кандидатот за претседател на ДУИ.
Во овој контекст тој додаде дека во битката на политичките партии кои како единствено прашање ја поставуваат корупцијата на високо ниво, се заборава дека таа е на сите нивоа.
„Корупцијата е на секој шалтер, во секоја институција, вклучително и во здравството, образованието, и граѓаните се соочени со низок степен на корупција кој им го отежнува животот и им ги скратува можностите да бараат јавни услуги“,
додаде Османи.

На крајот, Османи истакна дека оваа иницијатива и оваа заложба е една од основните задачи и е столб на неговата програма насловена „Декалог на европскиот претседател“.
На новинарско прашање што е досега направено во ова насока и зошто не е донесен новиот Кривичен законик (КЗ), со оглед дека неговата партија учествувала во последните измени на Кривичниот законик, со кои се намалија казните за кривичните дела во делот на злоупотреба на службената положба и овластување, Османи рече дека корупцијата на високо ниво е најголем проблем бидејќи, како што рече, ги јаде парите на граѓаните коишто може да бидат ориентирани за јавни услуги и подобар квалитет на живеење, но повторно посочи дека не треба да забораваме и на секојдневната корупција со која се соочуваат граѓаните.
„Мораме да го видиме сеопфатно тој процес и да ја исчистиме корупцијата. Јас мислам дека тоа можеме да го направиме ако прво ја исчистиме корупцијата на високо ниво, бидејќи таа ги јаде најголемите фондови во државата“,
изјави Османи.