Како што наведува министерот за надворешни работи во својата објава на Фејсбук, веќе се прават подготовки за испраќање помош во Турција која утрово беше погодена од разорен земјотрес
Вкупниот број на загинати во разорниот потрес, според последните информации, се искачи на најмалку 1 200 лица. Станува збор за сумарна бројка на загинати во југоисточниот дел на Турција и северна Сирија
Шефот на дипломатијата Бујар Османи утрово, преку својот колега Мевљут Чавошоглу, упати пораки со сочувство до Турција и турскиот народ по разорниот земјотрес од 7,8 степени по Рихтеровата скала што го погоди југоисточниот дел на земјата.

Османи во објавата на својот фејсбук-профил соопшти дека понудил помош од страна на С Македонија, за што, како што наведува, веќе се прават подготовки во земјава.
„Земјотресот во јужниот дел на Турција претставува огромна трагедија со многу жртви, повредени и материјална штета која го отежнува справувањето со последиците. Утрово испратив пораки со сочувство до Турција и турскиот народ преку мојот колега Мевљут Чавушоглу, во кои ја понудив и нашата помош каде што ќе биде потребна, за што веќе се прават подготовки во земјава“,
се наведува во објавата на Османи.
Шефот на дипломатијата потенцира дека С Македонија и Турција имаат блиско и долгорочно партнерство кое почива на длабоката поврзаност на народите на двете земји.
„Нашите мисли се со нашите пријатели, браќа и сестри од Турција, и ние ќе сториме сѐ што е во наша можност за да им се најдеме на пријателите во оваа неволја“,
порача Османи.

Во меѓувреме Црвениот крст на Северна Македонија информира за отворени сметки и телефонски броеви на кои сите заинтересирани правни субјекти и граѓани може да донираат парична помош за настраданото население погодено од катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија:
- Сметката на Фондот на солидарноста на Црвениот крст на РСМ: 300000001327966, даночен број: 4030984271620 АД Комерцијална банка со назнака: помош за населението во Турција и Сирија
- Донација од 100 денари со повик на телефонските броеви 143 400 на Македонски Телеком и А1
- За донации на средства во странска валута:

Од Црвениот крст на Република Северна Македонија изразуваат длабоко жалење и искрено сочувство до народот во Турција и Сирија за жртвите од стравотниот земјотрес.

„Црвениот крст на РСМ е во комуникација со Црвената полумесечина на Турција и Арапската црвена полумесечина на Сирија, на кои веднаш им беше понудена првична помош“,
соопшти Црвениот крст на РСМ.
Турција и Сирија денеска ги погоди катастрофален земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала во реонот на турскиот град Газиантеп.
Вкупниот број на загинати во разорниот потрес, според последните информации се искачи на најмалку 1 200 лица.
Станува збор за сумарна бројка на загинати во југоисточниот дел на Турција и северна Сирија.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека во Турција во Турција црниот биланс досега изнесува најмалку 912 лица, додека 5 383 се повредени, пренесува „Гардијан“. Тој рече дека властите не се во можност да предвидат колку би можел да изнесува крајниот биланс додека продолжуваат операциите за пребарување и спасување, објави Ројтерс.
Турскиот претседател истакна дека досега 45 земји понудиле помош.
Сириската државна новинска агенција објави дека во земјата повеќе од 320 луѓе ги загубиле животите во разорниот потрес, а над 1 000 се повредени.
Спасувачката волонтерска организација „Бели шлемови“ – која дејствува во областите на Сирија кои се под контрола на опозициските бунтовници – објави дека во овие делови бројот на загинати е најмалку 147, а повеќе од 340 се повредени.