Решението на проблемот со издавањето на патните исправи со новото уставно име, шефот на дипломатијата го гледа во забрзување на процесот преку набавка на нови базни станици и повеќе обрасци, а не во измени на законот, како што предлага ВМРО-ДПМНЕ, затоа што тоа би значело кршење на Уставот
Министерството за надворешни работи нема добиено официјален допис од Европската Унија (ЕУ) дека ќе дозволи движење на нашите граѓани со пасоши со старото уставно име, изјави денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи појаснувајќи дека одлуката за ова прашање ја носи секоја земја одделно, како нејзино суверено право.

„Ние сме во постојана комуникација и со институциите на Европската комисија, амбасадорот е во секојдневна комуникација, јас директно и со земјите членки. Значи, земјите членки сами одлучуваат во однос на тоа како ќе се однесуваат во однос на валидноста на пасошите“,
рече Османи одговарајќи на новинарски прашања.
Досега, како што кажа тој, Швајцарија (која не е членка на ЕУ) има донесено став за кој ја известила нашата страна со нота дека ќе признава влез со старите пасоши, додека Босна и Херцеговина формално известила дека ќе постапува спротивно, односно нема да дозволува влез на нејзина територија за наши граѓани со пасоши со старото уставно име.
Другите земји, вели шефот на дипломатијата, во моментов повеќе практично се поставуваат во врска со ова прашање и дека нашите граѓани немаат поголеми пречки при враќањето дома.
„Прво, затоа што ние се организиравме во дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП), овозможивме бесплатни патни листови и овозможивме патни листови да се достават по пошта. Во многу држави на граѓаните и не им ги бараат патните листови, меѓутоа, бидејќи јас немам добиено официјална нота од државите како се однесуваат по однос на старите пасоши, не можам и официјално да ги известам граѓаните. Меѓутоа, тоа е пораката, повеќето од државите дозволуваат движење и со старите пасоши доколку е валиден. Информирав за Швајцарија бидејќи Швајцарија нè информира официјално со нота, но во другите ситуации гледаме, практично не им ги бараат. Но, сепак посебно им укажуваме на граѓаните коишто патуваат со автомобил бидејќи патуваат низ неколку држави да не ризикуваат бидејќи патниот лист е бесплатен, лесно го добиваат, сепак да го имаат. Босна и Херцеговина нѐ извести дека не ги признава ниту пасошите ниту личните карти. Е сега, бидејќи има вакви различни индивидуални ставови, граѓаните ги советуваме да ја следат праксата и доколку можат, сепак да земат патни листови“,
кажа Османи.
Инаку, прашањето на Османи му беше упатено откако министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска наутро во гостување во емисија на ТВ Сител изјави дека денеска добил допис од Брисел дека Европската Унија нема да прави проблем доколку граѓани на Република Северна Македонија треба да патуваат со пасоши со старото уставно име.

„Денеска добив на писмено информација дека комитетот за патни исправи на Европската комисија одржал состанок на 13 февруари 2024 година. Ми беше најавено од белгискиот амбасадор дека ќе имаат разбирање за проблемот и ќе бидат максимално коректни и воздржани во однос на нашите граѓани. Нашите граѓани кои се надвор од Македонија, 70 000 се со старото име во Германија, тоа го имаат Германците како податоци, ние го немаме“,
рече Тошковски.
Според Османи, станува збор за лоша интерпретација на министерот за внатрешни работи.
„Тоа е лошо интерпретирање. Ставот на Европската комисија е дека Комисијата не носи одлука којашто важи за целата Европска Унија, туку тоа е суверено прашање на секоја од државите“,
рече Османи.
Она што проблем е што кога кога македонски државјанин ќе влезе во земјава со пасош со старото уставно име, не може потоа да ја напушти затоа што нашиот закон не го дозволува тоа.
Ваквиот проблем, според шефот на дипломатијата, не може да се реши со промена на Законот за патни исправи, како што бара ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи тоа би значело кршење на Уставот.
„Сите обиди да се прави јавен притисок е нечесен без тоа да се направи на маса меѓу политичките партии. Прво затоа што член 118 од Уставот вели дека меѓународните договори коишто се ратификувани во Парламентот се дел од нашиот внатрешен правен поредок и не можат да се сменат со закон. Уставот вели дека не можат да се сменат со закон. Преспанскиот договор е на сила и ние го почитуваме и имплементираме. Ние може да седнеме да направиме планови, како што ние во МНР се организиравме во ДКП да им излеземе во пресрет, ајде да се организираме и овде да им излеземе на граѓаните во пресрет“,
рече Османи.
Решението, како што кажа тој, е земјава да набави повеќе машини за произведување пасоши и нивна дистрибуција до дипломатско-конзуларните претставништва на земјава во странство и набавка на повеќе обрасци. За ова, како што кажа, утрово разговарал и со грчката амбасадорка во земјава.
„Да работиме со МВР, да работи повеќе со фирмата да достави обрасци, а не да бараме да го прекршиме Уставот, туку да се организираме. Не велам дека во МВР не работат, и тие даваат максимум во рамките на околностите, но мора да водиме сметка дека некој пет години зборуваше дека ќе го вратиме името или пак не е почнато на време да се издаваат документите. Но, состојбата е таа и сега мислам дека под итно треба да набавиме нови базни станици за тука и да ги распределиме по ДКП. Да најдеме начин обрасците да стигнат што побрзо и граѓаните што побрзо да добијат пасоши. Мислам дека ова е еден период од месец два кога ќе имаме вакви потешкотии, но полека ќе спласне притисокот“,
изјави Османи.

Прашан дали техничката влада може да набави нови базни станици, шефот на дипломатијата рече оти смета дека за итни прашања тоа може да го направи која било влада.
Во врска со возачките дозволи, шефот на дипломатијата вели дека тие претежно се користат внатре и малку може да се користат надвор.
„Во Преспанскиот договор се вели дека има политички рок и технички рок. Политичкиот рок се е однесува на документите за внатрешна употреба и тие се менуваат согласно отворањето и затворањето на поглавја. Така што, може пошироко да интерпретираме дека возачките дозволи влегуваат во документите за внатрешни употреба, па влегуваат во тие рокови. Пасошите директно влегуваат во документите за надворешна употреба и во техничките рокови. Јас предложив и некои идеи дали за итни и неодложни прашања да се признаваат во одреден рок, но мораме тоа да го направиме во согласност со другата страна со којашто имаме потпишано договор“,
кажа Османи.
За тоа до кога очекува земјите од Европската Унија да ги толерираат пасошите со старото уставно име, Османи вели дека грчката страна очекува тоа да биде краток период.
„Значи 20-30 дена коишто ги споменуваат. Денеска разговаравме сепак да бидеме пофлексибилни бидејќи ова не е прашање на немање на политичка волја, каде што треба да им излеземе во пресрет на граѓаните и сметам дека така и треба да се поставиме“,
подвлече шефот на дипломатијата.