На прашање дали до крајот на француското претседателство со ЕУ (30 јуни 2022 г.) има некакви шанси, тој вели дека за рокови не може да зборува затоа што ние не сме тие што одлучуваат. Она што го знае тој, како што рече е, дека понатаму ќе има сè помалку енергија и поддршка од граѓаните за да може да се посветиме целосно на оваа тема затоа што вложуваме премногу енергија на ова прашање и ќе мора ние да се свртиме на прашањата внатре дома
Во однос на евроинтеграциите на земјава има два паралелни процеси, едниот се билатералните разговори што ги имаме со Бугарија во врска со обврските од Договорот за добрососедство од 2017 година, а втората линија од процесот е усвојувањето на преговарачката рамка, рече шефот на дипломатијата Бујар Османи истакнувајќи дека во оваа фаза сè уште има разлики помеѓу земјите членки на ЕУ по однос на тоа што треба да стои во преговарачката рамка, а што не.
„Земјите членки се многу свесни дека тоа што ќе влезе или би влегло во преговарачката рамка создава и преседани кои потоа треба да се следат што значи дека не е во прашање само нашата преговарачка рамка туку каков ќе биде понатаму процесот на проширување. Гледам дека повеќето, некои многу повеќе, некои малку повеќе се сензитивни на внесувањето билатерални прашања во преговарачката рамка. Се разбира билатералните прашања ги има во оригиналниот документ на секоја преговарачка рамка. На пример, добрососедските односи се дел од копенхашките критериуми односно почитувањето на правата на малцинствата е дел од тие критериуми, тоа е дел од поглавјето 23 на процесот на проширување. Но, како такви, генерализирани кои се однесуваат на сите малцинства и сите соседи. Меѓутоа, за посебни инструменти кои претставуваат одредени билатерални прашања, мислам дека се многу внимателни земјите-членки што би прифатиле во однос на преговарачката рамка“,
рече Османи денеска одговарајќи на новинарски прашања.
Со оглед дека земјите-членки се тие кои прво треба да се усогласат, кај нас, вели министерот, предлог-текст на преговарачката рамка освен тој на Комисијата, не е стигнат.
„Меѓутоа, на средби како што е денешната (на министерот за надворешни работи на Литванија) и на сите мои посети, јас на секоја земја-членка поединечно ѝ објаснувам што може, а што не може да биде прифатливо за нас и за нашето Собрание“,
рече Османи.
На прашање, дали до крајот на француското претседателство со ЕУ (30 јуни 2022 г.) има некакви шанси, тој вели дека за рокови не може да зборува затоа што ние не сме тие што одлучуваат. Ние, рече Османи, ги исполнивме сите услови за почеток на преговори и сме конструктивни во разговорите и топката сега е во Софија и Брисел односно тие треба да преземат стратегиско лидерство и одговорност.
Она што го знае тој, како што рече е, дека понатаму ќе има се помалку енергија и поддршка од граѓаните за да може да се посветиме целосно на оваа тема затоа што вложуваме премногу енергија на ова прашање и ќе мора ние да се свртиме на прашањата внатре дома.
Сепак, смета тој, има уште можност за решение.
„Сметам дека бевме и сме пример на земја-кандидат која ги надминува бараните базични услови за почнување на преговори, со 40 отсто европско законодавство кое е веќе дел од нашето законодавство, земја која е лидер во регионот по однос на политичките и економските критериуми и во односот кон мултиетничноста во државата и кон соседите. Мислам дека уште има можност и шанса, ќе продолжиме да бараме решение меѓутоа ова е пораката што ја праќаме и до Република Бугарија и до ЕУ дека полека се намалува можноста целото општество да се посвети на ова прашање затоа треба сега да се најде начин да се донесе одлука за почеток на преговори, но ние повеќе не можеме и немаме што да правиме“,
рече Османи.
Тој зборуваше и за последната посета на еврокомесарот Оливер Вархеји, кој беше и во Софија и во Скопје и кажа дека дошол со конструктивни размислувања, но во овој момент не може да ги каже јавно.
„За Вархеји мислам дека беше конструктивна посетата. Се разменуваа некои инструменти и идеи како да се надминат овие разлики по однос на содржината на преговарачката рамка, бидејќи сепак тој е претставник на Европската Комисија, а Комисијата е таа што ја предлага рамката пред Советот. Мислам дека имаше и конструктивни размислувања во тој правец, меѓутоа не сум во состојба тука да ги кажам бидејќи сè уште се само дел од некои размислувања, но добро е што комесарот се движи во Софија и Скопје како да се придвижи процесот напред“,
рече министерот.
Во однос на вметнувањето на Бугарите во Уставот, Османи повтори дека нашата страна е спремна на такво нешто, но она за што се разговара е кога да се имплементира ваквиот процес. Бугарската, потсети министерот, беше дека тие треба да се вметнат пред отворањето на преговорите, а нашата е дека тоа треба да се направи пред самото членство во Унијата.
„Тие две крајни позиции се разговараат за евентуално да се најде компромисно решение“,
кажа Османи.