Во рамките на посетата, положувајќи цвеќе, двајцата министри заеднички го чествуваа ликот и делото на св. Климент Охридски, кој воедно е патрон на Националната и универзитетската библиотека во Скопје
Министрите за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Николај Милков, денеска беа во посета на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ каде што положија цвеќе пред споменикот.

При посетата на библиотеката, како што соопштуваат од МНР, министрите ја разгледале богатата колекција на уметнички дела – изложба посветена на 50-годишнината од пуштањето во употреба на специјалниот наменски објект на НУБ „Св. Климент Охридски“, дело на архитектот Петар Муличковски, како и изложба на дела од еминентни ликовни уметници на кои е претставен св. Климент Охридски од колекцијата на Климе Коробар.
Во рамките на посетата, положувајќи цвеќе, двајцата министри заеднички го чествуваа ликот и делото на св. Климент Охридски, кој воедно е патрон на Националната и универзитетската библиотека во Скопје.
Посетата на Османи и Милков е во рамки на денешните активности во Скопје по повод одржувањето на бизнис-форумот меѓу двете земји „До една милијарда и понатаму“.
Претходно бугарскиот министер Милков рече дека согласно постигнатиот договор меѓу двете земји, заеднички ќе биде празнувана дејноста на свети Климент Охридски. Според Милков, заслугата за заедничкото чествување на свети Климент Охридски е на заедничката историска комисија.
Тој ја потврди заедничката поддршка за работата на заедничката историска комисија и нагласи дека нејзиното успешно функционирање придонесува во работењето на развојот на добрососедските односи.
Министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија во август, во исто време, на официјалните интернет-страници ги објавија усогласените препораки во Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Обелоденувањето на препораките дојде по потпишувањето на Протоколот на 17 јули 2022 година, во кој се предвидува дека во рок од еден месец двете држави треба да ги објават веќе усвоените препораки од досегашната работа на историско-образовната комисија.