„Денешните ракетни напади врз цивилни цели во Киев, Лавов, Днепар, Харков, Криви Рих и други делови од Украина претставуваат флагрантно кршење на меѓународното хуманитарно право, како и дополнително поткопување на меѓународниот поредок заснован на правила“, пишува шефот на дипломатијата Бујар Османи на Фејсбук осудувајќи ги денешните руски напади
Република Северна Македонија силно ги осудува неприфатливите дејствија извршени од страна на Русија кои резултираат со невини човечки жртви, напиша шефот на дипломатијата Бујар Османи на Фејсбук осудувајќи ги нападите што Руската Федерација денеска ги изврши врз неколку украински града, меѓу кои и главниот град Киев.
Сторителите на нападите, додава Османи, треба да бидат изведени пред лицето на правдата и да одговараат за извршените воени злосторства.
„Денешните ракетни напади врз цивилни цели во Киев, Лавов, Днепар, Харков, Криви Рих и други делови од Украина претставуваат флагрантно кршење на меѓународното хуманитарно право, како и дополнително поткопување на меѓународниот поредок заснован на правила“,
пишува Османи на Фејсбук.
Османи уште еднаш ја реафирмира солидарноста на Северна Македонија со украинскиот народ, како и поддршката за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и упати уште еден повик за итно прекинување на сите воени дејствија и повлекување на руските воени сили од земјата.
Реакцијата на шефот на дипломатијата доаѓа откако денеска најмалку 75 проектили биле лансирани во денешните напади во повеќе украински градови.
Рускиот претседател Владимир Путин ги потврди денешните напади врз Киев и други украински градови и вети остар одговор на какви било дополнителни „терористички“ акти на руска територија, повторно обвинувајќи ја Украина за нападот врз мостот на Крим.