Коментирајќи ги последните внатрепартиски случувања, новиот потпретседател на ДУИ, Бујар Османи, нагласува дека најголем дел од членовите на т.н. „огнена група“, не само што не си заминале од партијата туку и присуствувале на последната седница на Генералниот совет. Вели дека на неа биле Невзат Бејта и Блерим Беџети. Никој од нив, вклучувајќи го и Муса Џафери кој не бил на седницата, не се изјаснил дека планира или би бил член на некоја друга политичка опција.
„Секако дека ќе треба да разговарате со нив. Но, тоа што беа на седницата и воопшто не споменаа дека се дел од некои нови движења, нови структури, нови организации, остава простор дебатата да си продолжи во партијата, и заеднички да видиме што ќе правиме натаму“,
рече Османи во своето гостување во емисијата „Самер клик“ на ТВ 21.
За него е интересен и развојот на настаните во опозицискиот кампус каде што има голем број незадоволни, особено членови на Беса, кои дури и јавно се оградија од својата партија откако нивниот претседател Билал Касами објави дека почнува разговори за окрупнување на фронтот со претседателот на Алтернива, Африм Гаши и со претставникот на „огнените“, Изет Меџити. Вели дека ДУИ нема контакт со нив, но, според него, тоа отвора можност да се разговара со нив и да се чујат нивните размислувања и идеи.
„Досега не сме разговарале, но секако вреди да се зборува бидејќи ДУИ ја предводи идејата за формирање европскиот фронт. Наша проценка е дека е време за концентрација на европската енергија во земјава бидејќи општеството е поларизирано. Во минатото имаше дебати на различни теми, а сега мора да се разјасни кој е за Европа, а кој сака да ја држи државата во заложништво со промена на стратешкиот курс на државата“,
потенцира Османи.
Според него, најавите за нови политички партии и движења не се темелат на никаква платформа, туку се насочени само да се противат на концепцијата која ја протежираат ДУИ и лидерот Ахмети.