Жителите на Блаце вчера протестираа поради понудената цена од 200 денари за квадратен метар за имотите низ кои треба да поминува автопатот Скопје-Блаце
Aко е некој незадоволен, нека се жали на суд. Вака вицепремиерот Бујар Османи им одговори на жителите на Блаце кои вчера излегоа на протести поради, како што велат, смешната цена од 200 денари за квадратен метар која државата им ја нуди за експропријација на земјиштето на кое треба да се гради автопатот Скопје-Блаце.
Тој вели дека според новиот Закон за експропријација граѓаните немаат право да не ја даваат земјата, туку имаат право само да ја обжалат сумата.
„Имаат право да поднесат жалба на суд за цената, а судот може потоа да ја отфрли цената која ја нуди бирото и да одреди друга цена. Но, мислам дека треба да објасниме зошто и како е извршена проценката околу утврдениот износ за надомест на земјиштето“,
изјави денеска Османи на прес-конференцијата.
Жителите на Блаце тврдат дека цената што треба да ја добијат треба да биде над 50 евра за квадратен метар, а не како што ги нарекуваат навредливи 200 денари што им се нудат.
Се жалат и на тоа дека иако директорот на Бирото за правно вештачење Валдет Џафери им кажал дека на терен ќе излезат експерти за да го проценат земјиштето, но тоа не се случило.
Некои најавија дека правдата ќе ја бараат во Стразбур.
Автопатот Скопје-Блаце, според најавите, ќе се гради во две фази. Првите 2 километри од граничниот премин до надвозникот на село Горно Блаце ќе почнат да се градат пролетва и изградбата ќе трае 18 месеци, а ќе чини 12,2 милиони евра, без тука да е вклучена цената за обесштетување на 68-те имоти низ кои треба да поминува. Вториот сегмент од 10,5 километри е во проектна фаза и ќе чини над 105 милиони евра.