Османи ќе зборува за воената агресија на Русија во Украина, а ќе се осврне и на приоритетите со претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во оваа година
Денеска од Генералното собрание на ОН се очекува и да усвои резолуција предложена од Украина и нејзините поддржувачи, во која се нагласува „потребата да се постигне што поскоро сеопфатен, праведен и траен мир“
Шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска ќе учествува и ќе се обрати на Специјална итна седница на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, најави Министерството за надворешни работи (МНР).
„Министерот Османи во своето обраќање пред ГС на ОН ќе стави акцент на воената агресија на Русија врз Украина, со барање да запре војната и страдањата на луѓето, а ќе се осврне и на главните приоритети и досегашните активности во реализирањето на Програмата на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023, особено на зголемување на сигурноста и безбедноста на граѓаните, во контекст на нашето мото ’за луѓето се работи‘, имајќи ги предвид состојбите и во други земји на ОБСЕ-регионот“,
соопштија од МНР.
Во Њујорк Османи треба да има и повеќе билатерални средби меѓу кои и со потсекретарот на ОН за политичко-безбедносни работи Розмари Ди Карло, како и со шефовите на дипломатиите на Естонија, Унгарија и Холандија. Исто така, планирани се и средби со претставници на македонската дијаспора во САД.
Инаку, денеска од Генералното собрание на ОН се очекува да усвои резолуција предложена од Украина и нејзините поддржувачи, во која се нагласува „потребата да се постигне што поскоро сеопфатен, праведен и траен мир“.
Усвојувањето на резолуцијата е во пресрет на првата годишнина од руската инвазија, а Украина и Русија изминатиот период лобираа меѓу земјите во ОН за гласање „за“ или „против“. САД, пак, рекоа дека гласањето ќе влезе во историјата.