Портпаролот на Демократската унија за интеграција Бујар Османи во интервју за ТВ21 информира дека денеска имало средба меѓу лидерите на СДСМ и на ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети.
Вели дека средбата била конструктивна и надежна за успешен епилог, но не и одлучувачка. Прашан дали во игра останува барањето за премиер Албанец, Османи посочи дека не е коректно да се објавуваат преговарачките позиции.
„Ќе треба да почекаме, бидејќи не е коректно доколку сите наши позиции ги објавиме на маса. Денеска се разговараше за враќање на изгубената доверба во текот на изборната кампања, со цел да се создадат предуслови за поставување на маса на нашите позиции. Потребно е уште малку трпение. Ќе има средби и следниве денови“, вели Османи.
ДУИ, како што појаснува нејзиниот портпарол, не исклучува средби ниту со другите партии а за можна коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, тој рече дека „не сака да одговара на хипотетички прашање“, истакнувајќи „државата во секој случај, нема да остане без влада“.