Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи за „360 Степени“ ги демантира медиумските шпекулации дека неговата партија бара од Заев, Фатмир Бесими да биде назначен за гувернер на Народна банка.
„Прво, во коалицијата не функционираме со условување, туку со меѓусебно разбирање и договарање. Второ, демантирам дека кога било или со кого било е разговарано за таква комбинација. Фатмир Бесими е професионалец, кого би го посакала секоја економско-финансиска институција, вклучувајќи ја и Народната банка, но, тоа е прашање на неговата професионална етика и експертиза, а не на партиско – политичка комбинаторика“,
изјави Османи за „360 Степени“.
Порталот „Коха“ објави дека ДУИ притискаат Фатмир Бесими да биде назначен за гувернер на Народна Банка, а Анита Ангеловска – Бежовска да го преземе министерството за финансии. Бесими се споменуваше како предлог на ДУИ за гувернер и пред изборот, но тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов ја предложи, а Собранието во мај 2018-та на таа позиција ја назначи Анита Ангеловска – Бежовска. Нејзиниот мандат трае седум години. Гувернерот е на чело и на деветчлениот Совет на Народна банка.
Разрешување на гувернерот предлага претседателот на државата
Гувернерот го именува Собранието по предлог на Претседателот. На предлог на Претседателот, Собранието може и да го разреши гувернерот, но дури откако ќе го консултира Советот на Народна банка. Формално, процедурата не е едноставна.
Според Законот за Народна банка, гувернерот се разрешува ако изврши злоупотреба или сериозен пропуст во вршењето на службената должност, ако не ги извршува задачите поради телесна или ментална неспоспобност која трае повеќе од три месеци или ако не ги извршува должностите во последователен период од најмалку три месеци, без да добие дозвола од Советот на Народна банка.
Гувернерот и вицегувернерите можат да поднесат оставка од функцијата со претходно писмено известување до Собранието во рок не пократок од три месеци од денот на поднесувањето на известувањето.