„Денес можеше да биде ден за славење и кај нас за отворање на поглавјата, но антиевропските темни сили држат во заложништво два милиони граѓани. Уште малку!“, пишува Османи на Фејсбук
Министерот за надворешни работи Бујар Османи упати честитки до Украина и до Молдавија по повод одлуката на ЕУ да отпочне преговори со двете земји.
„Честитки до Украина и Молдавија за почетокот на преговорите со Европската Унија. Денес можеше да биде ден за славење и кај нас за отворање на поглавјата, но антиевропските темни сили држат во заложништво два милиони граѓани. Уште малку!“,
се вели во објавата на официјалниот фејсбук-профил на Османи.
Вчера и премиерот Димитар Ковачевски рече дека овој ден за Северна Македонија можеше да биде победнички ден во кој земјата по успешниот скрининг успешно и брзо продолжува со отворање на поглавјата и евроинтеграцискиот процес. Според Ковачевски, огромна е штетата што опозицијата во земјата е главен кочничар на европската иднина на државата. Граѓаните, рече премиерот, со денешниот ден и конкретно можат да се уверат дека со вакво анти-ЕУ и анти-НАТО позиции на опозиција, тие ќе бидат лишени од можноста забрзано да се приклучат на прогресивното европско семејство.
Одлуката на лидерите на земјите членки на ЕУ, која беше донесена по повеќечасовни разговори, ја објави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
ЕУ, вчера, и додели кандидатски статус на Грузија, а преговорите со Босна и Херцеговина ќе бидат отворени кога ќе се постигне потребното ниво на усогласеност со критериумите за членство.
Шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ вчера за време на Самитот на Унијата во рамки на дебатата за проширувањето на ЕУ, беа усвоени и Заклучоците за процесот за нашата земја во кои се посочува дека Европската Унија е подготвена да ја комплетира фазата на отворање на пристапните преговори со Северна Македонија, веднаш штом земјата ја спроведе својата заложба за усвојување на уставните измени, во согласност со нејзините внатрешни процедури, како што е наведено во одлуките на Советот на ЕУ од 18 јули 2022 година.