Министерот потенцира дека следната недела ќе се интензивираат разговорите за обезбедување двотретинско мнозинство, што е потребно за да се изгласа потребата за отворање на Уставот

Министерот за надворешни работи Бујар Османи верува дека следната година ќе бидат донесени уставните измени нагласувајќи оти нема ништо контроверзно во тоа Бугарите, Црногорците и Хрватите да се внесат во Уставот.
„Зошто би ги исклучиле Хрватите, Црногорците, Бугарите и кои би биле последиците по државата освен потврдување на нашиот најпрепознатлив имиџ во светот, а тоа е односот кон заедниците, меѓуетничката хармонија, функционалната мултиетничка демократија. Тоа е нашиот најголем адут кој ни ги отвора вратите бидејќи станавме модел држава која во тежок регион успеа да создаде мултиетничка хармонија која станува пример како другите држави да си ги решат прашањата“,
рече Османи.
Барањето на лидерот на Беса, Билал Касами, кој рече дека ќе даде поддршка за уставните измени во замена за предвремени избори следната пролет, Османи ги оцени како дневно-политички кореографии во обид да се добие плус некој политички поен.
„Бидејќи сите се свесни дека уставните измени не се контроверзни, дека нема алтернатива од тој процес, се обидуваат на тоа да добијат некој политички поен. Меѓутоа, тоа е нечесно кон најважното прашање за граѓаните, Европската унија. Мислам дека ќе увидат во текот на годината дека е тоа погрешен пристап. Јас очекувам дека ќе го завршиме тој процес заради фактот што никој нема ништо против содржината на процесот. Другото е форма, кореографија, партиско-политички став. Тоа ќе го менаџираме, ние сме покажале капацитет за потешки работи да надминеме, а камоли суети на партии“,
додаде Османи.
Министерот потенцираше дека следната недела ќе се интензивираат разговорите за обезбедување двотретинско мнозинство, кое е потребно за да се изгласа потребата за отворање на Уставот.
Тој напомена дека ниту една партија не е на линија на ставот дека не треба да се почитуваат правата на етничките заедници, нагласувајќи дека и вчера лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски излегол со став дека нема „ништо против бугарскиот народ, туку против бугарските уцени“.
„Суштината на уставните измени е дека тие воопшто не се контроверзни и со тоа сите се согласуваме, бидејќи еден пристап, кој државата веќе го има преземено, како еден однос кон заедниците, сега ги вклучува и останатите заедници, кои тогаш поради одредени околност не биле вклучени. Во нашиот уставен поредок, освен 20-те проценти нема друга категоризација, со која би исклучиле или вклучиле некоја заедница“,
рече министерот на денешниот годишен брифинг со медиумите.
Во врска со можност за нови блокади од страна на Бугарија и доколку дојде до промена на Уставот, Османи рече дека во документите кои ги потпишале и во рамката нема основа за тоа, но додаде дека не само Софија, туку и другите членки можат да не блокираат, доколку сакаат, со оглед на тоа што одлуките во ЕУ се носат со консензус. Тој додаде дека токму затоа во моментов се гради овој однос со Бугарија, со цел во иднина да не постои ниту еден аргумент за нови блокади.