Но, да не брзаме со квалификации и да го исполитизираме ова, бидејќи така праќаме лоша порака – на секој инцидент утре да се повикува на етничка омраза и да се добие одредена заштита и тука мора да сме внимателни, изјави министерот за надворешни работи во врска со инцидентот со копретседателот на бугарското здружение „Шемето“ од Струга
Да оставиме Обвинителството да ги расчисти сите елементи од инцидентот во кој беше нападнат копретседателот на бугарското здружение „Шемето“, а потоа, ако се утврди дека нападот бил на етничка основа, јас ќе реагирам повеќе од кој било политичар од Бугарија бидејќи не сакаме тоа прашање да прерасне во тренд во земјава.
Ваков е ставот на шефот на дипломатијата Бујар Османи во врска со инцидентот во кој беше претепан копретседателот на бугарското здружение „Шемето“ во Струга, Бекир Кадриески, а за кој, како што тврди оштетениот, се случил на етничка основа.

Сепак, Османи побара да не избрзува со квалификации во врска со мотивите за нападот на Кадриески и да не се политизира ова прашање сè додека случајот не се расчисти во целост.
„Ние сме држава која полека станува модел за меѓуетничка толеранција и нема да дозволиме никој да ни го руши тој просек. Но, да не брзаме со квалификации и да го исполитизираме ова, бидејќи така праќаме лоша порака, на секој инцидент утре да се повикува на етничка омраза и да се добие одредена заштита и тука мора да сме внимателни. Дајте да видиме што точно се случува“,
рече министерот Османи одговарајќи на новинарски прашања на Преспа – Форумот за дијалог, што се одржува во Струга.
Според Османи, за настанот има две верзии – онаа на напаѓачот и онаа на оштетениот, а епилогот од инцидентот, како што кажа, треба да се остави на Обвинителството.
Прво да видиме што точно се случило. Министерството за надворешни работи е прва точка на контакт, вчера контактирав и со Министерството за внатрешни работи и со Влада. Не смееме да доцниме ниту еден час во расчистување на овој случај и мислам дека така постапија институциите. Ако има елементи на омраза по етничка основа јас ќе реагирам повеќе од кој било бугарски политичар бидјеќи тоа е прашање кое ние нема да дозволиме да прерасне во тренд“,
додаде шефот на македонската дипломатија.
На тема говор на омраза и насилство на етничка основа јас сум многу чувствителен, рече Османи објаснувајќи зошто веднаш по инцидентот со претседателот на тогашното бугарско здружение „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков, отишол да го посети во болницата во Софија каде што беше сместен.
„Прагот на сензитивност ми е многу низок кога се однсува на говор на омраза на етничка основа. Верувајте не ги делам Бугарите од Албанците, Ромите, кои биуло други. Етничка омраза, говор на омраза, нетолеранција е нешто за коешто нема место во оваа држава“,
додаде Османи.
Инаку, копретседателот на здружението „Шемето“, Бекир Кадриески, кој беше нападнат пред неколку дена, денеска во изјава за бугарската телевизија БНТ изјави оти своето лекување сака да го продолжи во Бугарија зашто, како што кажа, лекарите во струшката болница не се труделе многу околу него и не му направиле никакви испитувања
Кадриески е државјанин на Северна Македонија. Тој нема бугарски пасош, но откако беше претепан, за медиумите во Бугарија изјави дека има бугарски идентитет.