Министерот за надворешни работи вели дека за идентитетските прашања нема да се преговара
Доколку се случи ни во јуни, ни до крајот на португалското претседателство со ЕУ, да не се одржи првата меѓувладина конференција и не почне преговарачкиот процес, министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека земјава ќе продолжи да бара решенија со цел да ги оствари европските перспективи.
„Ќе треба да продолжиме да ги убедуваме дека ова веќе не е само интерес на РС Македонија. Интерес е на целиот регион и на Европска унија, бидејќи нема комплетна ЕУ без Западен Балкан, а нема стабилен Западен Балкан ако најдобриот ученик на Балканот не добие одговор од Унијата таков како што заслужува. Затоа често велам дека ние станавме тест на кредибилноста на процесот за проширување во Западниот Балкан“,
рече министерот Османи во емисијата Трилинг на ТВ 24.
Тој вели дека е свесен оти фрустрациите во јавноста се зголемуваат, дека ентузијазмот во институциите ќе биде оштетен, но, нагласи, дека мора да се продолжи бидејќи крајната цел е многу поважна за иднината на следните генерации, отколку напорите и фрустрациите што ги прави и трпи оваа генерација.
Но, дециден дека за идентитетските прашања не се разговара со Бугарија, додека сите останати, според него, се решливи.