Иљази во изјавата го обвинува разрешениот директор Данил Петровски дека тој ги прекршил законските норми и додава дека овие лица ги држел на работа без договори и плати, а ги принудувал и да дежураат

Организациската директорка на Клиниката за токсикологија, Бесија Иљази вели дека клиниката има потреба од вработување на 18-те лица кои изминатиот период предизвикаа превирања во јавноста. Иљази прашува доколку нема потреба од нови вработувања, зошто тогаш и директорот кога бил на одмор, дежурал.
„Има лица кои работат по четири, пет или девет години, а многу се ретки тие кои работат со месеци. Во врска со тоа дали има потреба, бидејќи неколкупати сме слушнале такви изјави дека немаме потреба, а кога нема потреба, зошто тогаш и директорот кога е на одмор, дежура? Бидејќи нема персонал, на пример, на шалтер се случило, сме немале никого бидејќи биле со договор и требало некој од администрација да оди да работи на шалтер“,
вели Иљази во изјава за медиуми на албански јазик, пренесува МИА.
Таа увидела дека Клиниката има потреба и затоа инсистирала да се направат договорите и вели дека се обидува максимално да го реши овој проблем. Таа додава дека на 28 февруари било испратено барање до Министерството за здравство, кое било прифатено и од каде што добиле дозвола дека слободно може да се направат договорите.
Иљази во изјавата го обвинува разрешениот директор Данил Петровски дека тој ги прекршил законските норми и додава дека овие лица ги држел на работа без договори и плати, а ги принудувал и да дежураат.
„Како е можно Данил Петровски, разрешениот директор, да ја вработи неговата снаа на 13 февруари 2024, еден ден пред моето доаѓање, а нема можност да го вработи биологот – жена, која постојано ја спомнува, како и осумнаесетте лица кои со години се вработени тука? Тој ги прекршил сите законски норми, држејќи ги на работа без договори и плати и принудувајќи ги да дежураат, и вака се работело до моето доаѓање. И сега кога ние го средивме прашањето за нивното вработување, стана голем проблем“,
вели Иљази.
Според неа, „се измислуваат смешни скандали и овој медиумски хаос го предизвикуваат оние кои се навикнати да работат на неправеден начин и екстремен национализам“.
На прашање дали докторот Нико Беќаровски си поднел оставка, Иљази одговори негативно.
Според неа, поминало неговото време, „доктор од времето на другарот Тито“ и тој, како што додава таа, шири лаги и дезинформации. Редот и правилата што таа ги поставила, како што нагласува, нему и на други вработени му сметаат, бидејќи, како што вели „биле навикнати да работат според нивни правила“.
Иљази вели дека таа не може да биде обвинета за ништо, затоа што работи транспарентно и професионално, почитувајќи ги законите.
Организациската директорка Иљази денеска повторно се најде во центарот на вниманието поради забрана на вработените да даваат изјави за медиуми без нејзина согласност. Во наредбата стои дека се забранува давање изјави во јавност преку интервјуа и свикување прес-конференции, за да не се нанесело штета на интересите и угледот на клиниката. Иљази во наредбата вели дека средби со новинари ќе бидат дозволени само со претходно известување до неа.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осуди, како што рече, обидот за цензура и ограничување на правото на говор од страна на Иљази.
Од Здружението нагласуваат дека ваквата наредба претставува кршење на слободата на говор и професионалното новинарство, спротивно на Уставот. Најавија и формално обраќање до ресорното Министерство и барање одговорност од директорката на Клиниката за токсикологија и од сите инволвирани во донесувањето на оваа наредба, за што се побара и итно повлекување.
Клиниката периодов ја тресат низа скандали. Неа ја предводи само организациската директорка Бесија Иљази, откако министерот за здравство Илир Демири на 14 мај го разреши медицинскиот директор д-р Данил Петровски.