За денеска во 13:30 часот МВР најави посебен сообраќаен режим во центарот на Скопје поради најавен протест за „Монструм“. Еден од организаторите го обвини МВР дека шири лажни вести и дека протестот ќе се одржи на 2 април, а не денеска. Од МВР велат дека токму тој што ги обвинува дека шират лажни вести го најавил денешниот протест
Иако закажан за денеска во 13:30 часот, протест за пресудите за случајот „Монструм“ денеска не се одржа.
Некаде околу 11 часот Блерим Ахмеди, кој и досега се појавуваше како организатор на некои од протестите (беше казнет парично за насилствата на протестот од 29 јануари пред МНР кога беа искршени стакла на зградата), на својот фејсбук-профил објави дека информацијата дека денеска ќе се одржи протест е лажна вест која ја проширило МВР.
Тој ја посочи информацијата што вчера ја објави Министерството за посебен сообраќаен режим во делот од паркот во Чаир до Владата, рута каде што ќе се одржи протестот.

„Почитувани сонародници, ве известувам дека протестот ќе се одржи на 2.4.2021 во 13:30 часот. Најавата на МВР за денешниот протест е лажна вест само за да го дезинформира населението. Оваа пропаганда нѐ тера да мислиме дека тие се плашат од протести! Апелирам до сите да ни се придружат на 2.4.2021 во 13:30 часот кај паркот во Чаир, до Владата. Со почит организацискиот совет на протестите“,
напиша Ахмеди.
Bashkatdhetarë të dashur Ju informoj që protesta do të mbahet në Datë 02.04.2021 Ora 13:30 Lajmërimi nga MPB për…
Posted by Blerim Ahmedi on Friday, March 26, 2021
Веднаш потоа од МВР стигна демант. Во него се вели дека МВР не ја измислило најавата за протестот туку дека токму тој, Блерим Ахмеди, го најавил протестот за денеска.
„Во интерес на вистината, МВР ја известува јавноста дека, како и за секој најавен протест каде што е потребно блокирање на сообраќајници и пренасочување на сообраќајот, Министерството ги известува граѓаните за да бидат информирани и да го организираат своето движење. Овој протест беше најавен токму од лицето Блерим Ахмеди и МВР ги презеде сите неопходни мерки и активности за обезбедување на протестот, а соодветно и ја информиравме јавноста“,
велат од МВР.
Во меѓувреме, уште еден од организаторите на изминатите протести, Бедри Ајдари, кој е член на семејството на еден од обвинетите во случајот „Монструм“, во изјава за Слободен печат вели дека тој не знае за никаков протест денеска, туку дека е за следниот петок, на 2 април.
„Не, јас не сум организатор на денешните протести. Не знам кој ги организира, јас не сум организатор на денешните протести, но можно е некој да ги претставил во име на сите случаи, па може да има некаква забуна“
изјави Ајдари за Слободен печат.
За минатиот протест од 26 февруари, Скопското обвинителство поднесе обвинение против седум лица, кои ги товари за кривичното дело учество во толпа која ќе изврши кривично дело согласно член 385 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Според законските одредби, казната е од шест месеци до пет години казна затвор.
Тројца од нив се осудени на една година казна затвор, за двајца, кои се изјаснија дека не се чувствуваат виновни, судење ќе продолжи на 31 март, додека за еден ќе се издвои постапката поради неговата влошена здравствена состојба, а уште еден е во бегство.