Претседателот на Србија и унгарскиот премиер ќе се борат за нови мандати на изборите во двете земји на 3 април. Вучиќ денеска доби поддршка од Орбан кој пристигна во Србија на отворањето на обновената брза железница
Унгарскиот премиер Виктор Орбан го поддржа денеска српскиот претседател Александар Вучиќ, пред претседателските и парламентарни избори во Србија на 3 април, доаѓајќи на отворањето на обновената брза железница Белград-Нови Сад и изјавувајќи дека тие двајца ќе направат уште многу фантастични работи заедно, пренесуваат српските медиуми.
Орбан, кого го очекуваат парламентарни избори, исто така на 3 април, на кои ќе се обиде да добие четврти мандат, на церемонијата рече дека сака да го промени со српскиот претседател фактот дека земјите во изминатите седум децени се поврзува Исток-Запад, заборавајќи колку е важно поврзувањето Север и Југ .
„Поврзуваме две земји и два главни града и на тој начин ќе им го олесниме животот на Србите и на Унгарците. Нашите народи имаат тешка историска судбина, но како резултат на соработката со Вучиќ, овие два народа денес се поблиски од кога било досега. Денешниот ден е доказ дека двајцата ќе направиме уште многу фантастични работи“,
рече Орбан во Нови Сад, каде што допатува со Вучиќ и со членовите на српската Влада, со нов воз по обновената траса која е дел од коридорот Белград-Будимпешта.
Орбан најави дека железничката линија до Будимпешта ќе биде во функција до 2025 година.
„Србија на овој начин оди во иднината, а железницата е симбол на напредокот на нашата земја“ ,
истакна Вучиќ.
Тој рече дека, додека се возеле по брзата пруга, се договорил со Орбан дека, што и да се случи, Србија и Унгарија ќе си понудат „што и да недостасува“.
Тој нагласи дека „кога многумина ги спуштаат главите во Брисел и на други места, Унгарците го креваат својот глас“ за Србија и нејзините граѓани, пренесува Н1.