И актуелниот премиер и лидерот на опозицијата вечерва одржуваат собири во Будимпешта
Орбан на изборите следната година ќе се бори против здружената опозиција
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кого следната година ја чека тесна изборна трка, ги обвини Брисел и Вашингтон дека се обидуваат да се мешаат во унгарската политика и ги повика своите поддржувачи да ги бранат достигнувањата на неговата Влада остварени во текот на деценијата на власт.

Орбан пред десетици илјади поддржувачи во центарот на Будимпешта изјави дека Вашингтон и милијардерот Џорџ Сорос, користејќи ги нивните пари, медиуми и мрежи, се обидуваат да ја придобијат унгарската левичарска опозиција.
„Но, не е важно што сакаат во Брисел, Вашингтон и медиумите што се водат од странство. Унгарците сами ќе одлучуваат за својата судбина“,
изјави Орбан.
Ројтерс објави дека десетици илјади луѓе се собрале во главниот град на Унгарија, по повод одбележувањето на антисоветското востание од 1956 година и дека ќе го поддржат националистичкиот премиер Виктор Орбан, кој на изборите следната година ќе се бори против здружената опозиција.

За првпат од доаѓањето на власт во 2010 година, Орбан (58) се соочува со обединет опозициски фронт – од социјалисти и либерали, до поранешната крајна десница, а денес централно -десничарската партија Јобик.
На изборите во 2022 година опозицијата ќе ја предводи конзервативецот Петер Марки-Зај (49), градоначалникот на Васаршељ. Како карактеристичен податок за него, медиумите издвоуваат дека е татко на седум деца, и кој според британската агенција ќе бидат тежок предизвик за Орбан.
Марки-Зај за прв пат како опозициски кандидат за премиер ќе им се обрати на симпатизерите на политички митинг вечерва во главниот град на Унгарија.