Здравствените власти се задоволни и од трендот на заразени и смртни случаил кои се во опаѓање. Вчера биле регистрирани 355 новозаразени и 575 починати
Италија синоќа соопшти дека бројот на излејувани од ковид-19 во рок од 24 часа бил 2 563, што според тамошните здравствени власти е рекорд од почетокот на пандемијата во земјата во која од вирусот досега починаа 22 745 луѓе.
Бројот на вкупно излекувани сега изнесува 42 727 лица.
„Ова е најголем број оздравени лица откако почна кризата“,
рече Анџело Борели, шеф на службата за цивилна заштита, додавајќи дека смртните случаи за последниот ден биле 575.
Во Италија досега вкупно од ковид-19 заболеа 172 434 луѓе. До вчера регистрирани се 107 000 пациенти, или за 355 повеќе од претходниот ден. Во некои региони, како Торино, Неапол и Рим, овој број паѓа.
Друг рекорд во Италија е оној со бројот на тестови кои за 24 часа изнесуваат над 65 000. Нешто повеќе од пет проценти од нив беа позитивни.
„Ова е уште еден показател за ефективноста на мерките за изолација преземени за ограничување на заразата“,
рече Франко Локатели, шеф на Високиот совет за здравство.
Тој на прес-конференција синоќа изјави дека на 3 април на интензивна нега имало 4 068 лица, а последните бројки се повеќе од 2 800 пациенти.
Анџело Борели најави дека поради променливата состојба, брифинзите за епидемијата веќе нема да бидат секој ден, туку два пати неделно, во понеделник и четврток. Тековните податоци ќе бидат објавени секој ден на веб-страницата на Службата за цивилна заштита.
Повеќе од 10 проценти од заразените лица со новиот коронавирус во Италија се здравствени работници.