Општина Битола ќе издвои 20 000 евра од општинскиот буџет за брзи тестови за ковид-19. Градоначалничката Наташа Петровска рече дека со донацијата за Центарот за јавно здравје очекува да се обезбедат најмалку 2 000 брзи теста.
„Имајќи предвид дека бројките на заболени се зголемуваат постојано, секојдневно, не само во нашиот град туку и на ниво на држава, чинам дека поддршката со вакви тестови е потребна, затоа што брзото детектирање и констатирање на состојбата на граѓаните може да доведе до брза интервенција во делот на согледување кој од нив треба да биде изолиран, а со тоа на некој начин се штитат и граѓаните кои се во нивно опкружување“,
рече Петровска.
Таа посочи дека ова е трета донација за здравствените институции откако претходно беа издвоени 10 000 евра за лабораторијата на ЦЈЗ-Битола и исто толку беа донирани за болницата.
Состојбата со ковид-19 во последниот период се влоши и во Битола, која претходно важеше за еден од градовите кои имаа мал број заболени.
Само вчера беа регистрирани 50 нови случаи на ковид-19, а две лица починаа. Досега вкупно се регистрирани 1 147 случаи на ковид-19, од кои активни се 573.