Коригираниот предлог-план ќе може да се види секој ден за времетраењето на анкетата и рокот за поднесување на анкетните листови, велат од Општината
Општина Аеродром следната недела ќе спроведе презентација и јавна анкета за коригираниот предлог – Детален урбанистички план (ДУП) за населбата Лисиче, за кој изминатиов период жителите протестираа поради тоа што во првичната верзија беа предвидени повеќе висококатници.
Од Општината најавија дека втората јавна анкета ќе започне в понеделник (3 јули) и ќе трае до 10 јули. Презентација на ДУП, пак, ќе има в среда (5 јули) во Основното училиште „Димитар Миладинов“.
„Во периодот од 3 јули (понеделник) до 10 јули, Општина Аеродром ќе спроведе втора јавна анкета која се однесува на коригираниот предлог за овој ДУП, кој е ревидиран и во себе ги опфаќа најголем дел од забелешките кои беа поднесени од жителите преку анкетните листови. Јавната презентација ќе се одржи на 5.7 (среда) во просториите на ООУ ’Димитар Македонски’, а коригираниот предлог-план ќе може да се види секој ден за времетраењето на анкетата и рокот за поднесување на анкетните листови“,
велат од Општината.
Деталниот урбанистички план за населбата Лисиче се актуализира пред два месеца. Тогаш „Призма“ објави дека на локација на која сега има куќи се испланирани девет нови згради поради што следуваа протести на жители.
Три од зградите во ДУП беше наведено дека ќе бидат на осум нивоа (приземје, шест ката и поткровје) покрај булеварот „Србија“, на земјиште што сега е главно неизградено и каде што работи еден автоплац за користени возила. Пет згради се нацртани покрај булеварот „12. Македонска бригада“, на места каде што сега има изградени куќи. На аголот меѓу булеварите, Деталниот урбанистички план предвидуваше најголема зграда од 12 нивоа.
