Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски на својот фејсбук профил денеска објави дека во 2022 г. не бил потрошен ниту еден денар од општинската каса за непродуктивни трошоци како патни трошоци и угостителски услуги.
„За првпат од своето постоење, Општина Аеродром во една буџетска година ќе потроши нула денари за репрезентација и патни трошоци. За споредба, во 2021 година, до почетокот на нашиот мандат за угостителски услуги биле потрошени 167.279,00 денари, а за патни трошоци 155.941,00 денари”,
стои во објавата на Муцунски.
Тој додава дека непродуктивните трошоци кои служат за лични привилегии немаат никаков директен бенефит за жителите на Аеродром. Затоа, како што вели, ставаат крај на недомаќинското работење и ги отстрануваат непотребните трошоци. Аеродромци се сведоци дека промените се случуваат, а тие продолжуваат со засилено темпо да работиме за интересите на граѓаните од Општина Аеродром, заклучува градоначалникот Муцунски.