Освен бојкот на Собранието, лидерот на Алтернатива најави дека албанскиот опозицискиот блок ќе преземе и други радикални мерки, за, како што вели, на власта да ѝ стане јасно оти составот на ДИК и спроведувањето на изборите треба да биде во рамки на законот
Ако до крајот на годинава, односно до 31 декември не се избере член на Државната изборна комисија (ДИК) од нивните редови, опозициските партии на Албанците обединети во коалициајта „Европски сојуз за промени“, најавија дека ќе го напуштат и бојкотираат Собранието.
„Како коалиција имаме конкретно барање до 31 декември Собранието да го изгласа нашиот предлог за член на ДИК. Ако не го изгласаат, ние ќе го напуштиме Собранието, значи ќе го бојкотираме Собранието“,
истакна лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, на денешниот брифинг со новинарите на коалицијата „Европски сојуз за промени“.
Освен бојкот на Собранието, лидерот на Алтернатива најави дека албанскиот опозицискиот блок ќе преземе и други радикални мерки, за, како што вели, на власта да ѝ стане јасно оти составот на ДИК и спроведувањето на изборите треба да биде во рамки на законот.
„Ќе го бојкотираме Собранието и ќе преземеме други радикални мерки за да ѝ биде јасно на власта дека така не може да се оди на избори, а од друга страна целата одговорност да им припадне ним зашто тие го предизвикуваат ова. Но, убеден сум дека после овој аларм, и меѓународната заедница, но и партиите од власта треба да разберат дека нема да се повлечеме од нашето законско барање кое ни следува, а тоа е член во ДИК“,
рече Гаши.
На прашањето дали ќе гласаат за Талат Џафери да биде премиер во техничката влада, Гаши рече дека без да се разјасни работата за членот на ДИК и за фер и демократски избори, нема простор да се зборува за другите работи.