„Јас се надевам дека со новите измени на Кривичниот законик ќе има и казнена одредба за ваквите лица кои свесно создаваат хистерија, односно вршат еден своевиден хибриден напад, создаваат чувство на немир, чувство на страв кај граѓаните“, рече премиерот Христијан Мицкоски

Повеќе од десет лица се повикани на разговор во МВР за случајот со пораките дека водата во Скопје е загадена, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски оценувајќи дека се работи за обид за внесување немир и несигурност меѓу граѓаните како хибриден напад.
Мицкоски рече дека се работи за центри што создаваат хистерија на социјалните мрежи обвинувајќи дека зад нив стојат опозициски партии.
„Јас се надевам дека со новите измени на Кривичниот законик ќе има и казнена одредба за ваквите лица кои свесно создаваат хистерија, односно вршат еден своевиден хибриден напад, создаваат чувство на немир, чувство на страв кај граѓаните. Но, она што мене посебно ме загрижува е што мислам дека тука има и други, повеќе комерцијални обиди бидејќи во еден ден, наеднаш, голем дел од маркетите ги испразнија своите резерви и количини на пакувана вода“,
рече Мицкоски.
На новинарско прашање – дали информациите за хибриден напад ги доставиле во Обвинителството и дали знаат кои се опозициските партии што стојат зад него, Мицкоски рече дека истрагата е во рамки на МВР.
„Лицата се повикани и оттука натаму би ве упатил кон МВР за сите детали“,
одговори Мицкоски.
За обвинувањата на опозицискиот СДСМ дека Мицкоски и министерот за здравство Сашо Клековски се виновни за загадувањето на водата за пиење во Гостивар, Мицкоски рече дека градоначалникот на Општина Гостивар е кадар што на последните избори бил поддржан од СДСМ.
„Затоа вие нема да слушнете од СДСМ – одговорност од градоначалникот бидејќи тој е нивен кадар, туку ќе слушнете дека бараат одговорност од таму каде таа одговорност ја нема туку, напротив, од страна на Владата ние дадовме се што можевме за состојбата да се нормализира“,
вели премиерот.
Додаде дека откако бил целосно стабилизиран водоводниот систем во Гостивар, а граѓаните добија пивка вода безбедна за пиење, грижата за водоснабдувањето е целосно кај ЈП „Комуналец“-Гостивар кој дава водоснабдителна услуга.
Премиерот денеска присуствуваше на отворањето нова спортска сала во ООУ „Круме Кепески“ во Општина Кисела Вода.
